ДЕН 2 - ПЛЕНАРНИ СЕСИИ: Правни аспекти на копродуцирањето & Продуцирање во и со Македонија

 

1.ПЛЕНАРНА СЕСИЈА: Правни аспекти на копродуцирањето

Во рамките на EAVE Producers Workshop 2015 се одржа пленарна сесија на која Роберто Ола, извршниот директор на Eurimages  говореше за правните аспекти на копродуцирањето.
Во текот на своето предавање тој ги истакна разликите помеѓу копродуцирање и кофинансирање, причините зошто е добро да се копродуцира со други земји, каде е најпогодно да биде најден копродуцент за филмскиот проект, кои се разликите помеѓу официјална и неофицијална копродукција; тој даде краток осврт за значењето и придобивките од билатералните договори за копродукција помеѓу земјите и Европската конвенција за копродукција.
Во својата презентација воедно говореше и за правните аспекти на поседување на права за дистрибуција како и за другите видови на договори поврзани со правата за прикажување, дистрибуција на филмови.

Роберто Ола е дипломиран правник со докторат за европско медиумско право. Член е на Eurimages од 2002 година, каде како проектен менаџер е задолжен за поддршка на долгометражни проекти.  Од 2008 година станува извршен директор на  Eurimages. Претходно има работено како истражувач  по медиумско право на European University Institute во Фиренца, и во одделот за дистрибуција на  MEDIA Programme на ЕУ и како советник  за аудиовизуелна индустрија во European Commission - Брисел. Работи како експерт и консултант во голем број на европски програми за обука наменети за филмскиот сектор, како и индустриски семинари и конференции за филмска копродукција.

 

 

2.ПЛЕНАРНА СЕСИЈА: Продуцирање во и со Македонија

Во склоп на EAVE Producers Workshop 2015 со почеток од 17:45 часот беше одржана сесија посветена на Република Македонија  насловена: „Продуцирање во и со Македонија‘‘.

Сесијата ја отвори Министерката за култура Г-ѓа Елизабета Канческа Милевска која најпрво им се заблагодари на организацијата ЕАВЕ за довербата која ја искажаа во Агенцијата за филм и во Република Македонија со одлуката втората сесија  да се оддржи во нашата земја, како и им посака добредојде на сите експерти и учесници на овој голем и значаен едукативен настан.

По нејзиниот говор Директорот на Агенцијата за филм, Г-дин Башески ги запозна учесниците со ко-продукциските можности кои ги нуди нашата земја и тоа: начинот на кој се аплицира за малцинска финансиска поддршка,  условите кои проектот треба да ги исполнува, процедурата на одобрување на средства, конфирмирањето на официјалниот копродуцкиски статус и сл. Посебен акцент во текот на презентацијата беше ставен и на правото на поврат на средства во износ од 20% - како стимулативна мерка за привлекување на вложувања во филмски, односно телевизиски проект како и презентација на постпродукциските услуги кои можат да бидат примамливи за продуцентите дел од оваа работилница. Воедно беа претставени мерки кои Владата во изминатиот период ги воведе со цел овозможување на странските и домашни продуценти да реализираат бројни филмски остварувања.Беа преставени три компании кои работат на постпродукција и тоа:FX3X, Вертиго и ФАМЕС студио.

На самиот крај од оваа сесија продуцентот Огнен Антов преку презентација даде осврт на тоа кои се придобивките од копродуцирањето со проект кој веќе бил развиен на EAVE Producers Workshop, односно говореше за филмот  „Споменик на Мајкл Џексон“ - проект развиван на EAVE во 2011 година, каде тој се јавува како копродуцент (копродукција помеѓу  Србија, Германија, Македонија и Хрватска).