Врз основа на член 25 став 2 од Законот за филмската дејност („Сл. Весник на РМ’’ бр.82/13, 18/14, 44/14, 129/15,152/15 и 39/16), Агенцијата за филм на Република Македонија објавува

 

КОНКУРС ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ ОД НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС ВО ФИЛМСКАТА ДЕЈНОСТ

 

I. ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ
Конкурсот се распишува за финансирање на проекти за:

I.1 организирање на домашни фестивали и други филмски манифестации  од меѓународен карактер во 2018 година и
I.2 поддршка на производство на други аудиовизуелни дела- (играна серија и документарна серија) во 2018 година
I.3 други проекти од национален интерес во филмската дејност и тоа:

-Едукативни програми и програми за развој и унапредување на филмската култура и кинематографија
-Поддршка за членство на Република Македонија во меѓународни филмски организации
 
Краен рок за прием на пријавите по конкурсите: 30 дена сметано од денот на објавување најдоцна до 16 часот на последниот ден.

II. ПРАВО НА УЧЕСТВО И УСЛОВИ ЗА КОНКУРИРАЊЕ 

 II.1 За проектите за организирање на домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер во 2018 година, право на учество имаат правни лица регистрирани во Централен Регистар на Република Македонија, непрофитни организации, здруженија на граѓани и фондации.

II.2 За поддршка на произдводство на други аудиовизуелни дела - (играна серија и документарна серија) во 2018 година право на учество на Конкурсот имаат  филмски продуценти регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија за вршење на дејност производство на филмови како претежна дејност. Правните лица кои имале поддржани проекти од Агенцијата за филм на Република Македонија во претходниот период, треба да ги имаат исполнето сите обврски во согласност со склучените договори со Агенцијата за филм на Република Македонија .


Задолжителна документација во зависност од категоријата на аудиовизуелното дело која се доставува на македонски јазик и тоа:
1. Играна серија
- Сценарио за секоја епизода од првата сезона
- Опис на дејствијата (Тритмент –максимум 5 страни)
- Синопсис- максимум 1800 карактери
- Режисерска експликација со потпис од страна на режисерот
- Каток опис на ликови


3. Документарна серија
- Сценарио или Опис на дејствијата (Тритмент –максимум 5 страни)
- Синопсис
- Режисерска експликација со потпис од страна на режисерот
- Спроведено истражување и/или „тизер“ (видео запис)

II.3 За поддршка на други проекти од национален интерес во филмската дејност опишани во точка I.3. право на учество имаат физички лица кои се државјани на Република Македонија, правни лица како и непрофитни организации, здруженија на граѓани кои се регистрирани за вршење на филмската дејност Централниот регистар на РМ и тоа:

- За проекти за едукативни програми и програми за развој и унапредување на филмската култура и кинематографија - правни лица, непрофитни организации и здруженија на граѓани
- За проекти за поддршка за членство на Република Македонија во меѓународни филмски организации- правни лица, непрофитни организации, здруженија на граѓани и физички лица

III. ПРИОРИТЕТИ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИТЕ

III.1 За проектите за организирање на домашни фестивали и други филмски манифестации  од меѓународен карактер во 2018 година:

- македонската кинематографија ја ставаат во интернационален контекст;
- имаат европски, односно меѓународен карактер;
- го промовираат интеркултурниот дијалог и развој на граѓанското општество;
- се засновани на стручно и професионално знаење;
- имаат висок квалитет и профилираност на основната дејност;
- се одржуваат континуирано и со традиција.

III.2  За проектите  за поддршка на производство на други аудиовизуелни дела- (играна серија и документарна серија) во 2018 година приоритет при одлучување на Конкурсот ќе имаат проекти кои:

-пoкрај уметничкиот квалитет имаат комерцијален потенцијал, ја афирмираат Република Македонија, тематски универзални и ги отсликуваат спецификите од културолошки, социјален и општествен карактер.

III.3 За други проекти од национален интерес во филмската дејност опишани во точка I.3. Агенцијата за филм на Република Македонија ќе ги поддржи оние проекти кои се од интерес за Република Македонија и кои имаат:
- Проекти кои македонската кинематографија ја ставаат во интернационален контекст и вршат промоција на македонската филмска дејност;
- Проекти кои имаат европски, односно меѓународен карактер;
- Проекти кои опфаќаат креативни решенија, нови техничко-технолошки бази и канали на вмрежување;
- Проекти кои овозможуваат развој на вештини, стручно и професионално знаење;
- Проекти кои овозможуваат развој на филмската култура.

IV. КРИТЕРИУМИ И МЕРИЛА ЗА ЕВАЛУАЦИЈА НА ПРОЕКТИТЕ:

IV.1 Оцената на проектите за организирање на домашни  филмски фестивали и други манифестации од меѓународен карактер во 2018 година се врши преку следниве критериуми и мерила:
- Квалитет на програмата (содржини и активности)- 20 поени;
- Програмски концепт (натпреварувачки или ревијален карактер)- 20 поени;
- Европска димензија на програмирање, вклучувајќи културна и географска разновидност - 10 поени;
- Бројност на публиката и влијанието на програмата во промоција на европската и домашната кинематографија (воспоставување на механизам  со кој се олеснува комерцијалната или алтернативната дистрибуција) -  10 поени;
- Квалитетот и постигнатите успеси на реализираниот фестивал/ манифестација во изминатиот период - 10 поени;
- Реноме, традиција и континуитет на одржување - 10 поени;
- Обезбедени средства од други извори -  10 поени;
- Квалитет на стручен тим - 10 поени.

На едно правно лице може да му се поддржи само еден проект од областите наведени во Конкурсот.
Кај пријавените проекти кои имаат освоено ист број бодови, предност ќе добие проектот кој има планирана програма со прецизни и договорени настани и/или поголемо учество на средства обезбедени од други извори.

IV.2 За поддршка на производство на други аудиовизуелни дела - (играна серија и документарна серија), аудиовизуелното дело потребно е да ги исполнува следниве критериуми и тоа:
- Оригиналност, автентичност и квалитет на аудиовизуелното дело – (играна серија и документарна серија);
- Изводливост на аудиовизуелното дело - (играна серија и документарна исерија) во однос на буџетот, сложеноста, планот и термините за снимање.

Постапката за евалуација и одлучување по пријавите подетално е опишана во Пријавата во дел IV. ПОБЛИСКИ КРИТЕРИУМИ ЗА ЕВАЛУАЦИЈА НА ПРОЕКТИ

IV.3 За поддршка на други проекти од национален интерес опишани во точка I.3. oцената на проектите ќе се врши во согласност со приоритетите, условите и квалитетот на проектот врз основа на следниов критериум: Иновативни и оргинални идеи кои ќе придонесат развој и унапредување на комплементарните дејности во филмската дејност.

V.НАЧИН НА КОРИСТЕЊЕ НА СРЕДСТВА

Правните и физичките лица чиј проект е избран на конкурсот, односно корисници на средствата се должни средствата да ги трошат наменски и законски согласно позитивните прописи во Република Македонија и одредбите пропишани во договорот кој ќе го склучат со Агенцијата за филм.

За проектите за  поддршка на производство на други аудиовизуелни дела- (играна серија и документарна серија) најмалку 65% од средствата доделени од Агенцијата мора да се трошат во Република Македонија.
Правните лица чиј проект е избран на конкурсот, односно корисниците на средствата се должни при склучувањето на договорот за финансирање на аудиовизуелни дела (играна и документарна серија) да обезбедат банкарска гаранција во висина од 25% од вкупниот износ на доделените средства од Агенцијата за филм на Р Македонија.

VI.ДОКУМЕНТАЦИЈА КОЈА СЕ ДОСТАВУВА НА КОНКУРСОТ

Пријавувањето на проектите се врши со доставување на пополнета Пријава. за проекти од национален интерес во филмската дејност која е составен дел од Конкурсот. Пријавата треба да се презземе од веб-локацијата на Агенцијата за филм (www.filmagency.gov.mк ) да се пополни на македонски јазик електронски со впишување на податоци на означеното место и да се верификува.

За секој проект се пополнува соодветна и одделна пријава.

Со пријавата подносителот потребно е да ја достави и задолжителната документација која е содржана за секој проект одделно во самата пријава, како и други документи/материјали потребни за дообјаснување на проектот, за кои подносителот цени дека е потребно да ги достави. Документите/материјалите доставени во прилог на Пријавата не се враќаат.

На конкурсот нема да бидат разгледувани пријави кои:
- се доставени по истекот на рокот за доставување на пријави по Конкурсот;
- не се поднесени на содветен образец на Пријава согласно Конкурсот;
- кои се нецелосно пополнети;
- кои не се комплетирани со задолжителните документи кои се бараат во согласност со Пријавата и Конкурсот.

VII. НАЧИН И РОК НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПРИЈАВАТА

Пријавата и документацијата по конкурсот треба да се достават до Агенцијата за филм на Република Македонија преку пошта на адреса: ул. „8 Март“бр.4, Скопје или до Архивата на Агенцијата за филм на Република Македонија во затворен плик со назнака “пријава на конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност’’ најдоцна до 16:00 часот на 29.01.2018 год,.
Пријавата и документацијата  по Пријавата воедно задолжително се доставуваат и во електронска форма на е-маил адресата: info@filmagency.gov.mk   во горе предвидениот рок.


VIII. ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА РЕЗУЛТАТИТЕ ОД КОНКУРСОТ

Учесниците  на Конкурсот за резултатите ќе бидат известени согласно со Законот за филмската дејност во рок до 60 дена сметано од истекот на последниот рок за доставување на пријави по Конкурсот.
Резултатите од конкурсот, и ќе се објават на веб страната на Агенцијата за филм на Република Македонија www.filmagency.gov.mk.

Проектите прифатени на конкурсот по добивање на одлука од Агенцијата за филм на РМ , со Агенцијата за филм на РМ ќе склучат договор за финансирање на  проекти од национален интерес во филмската дејност.


IX. ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ

Дополнителни информации во врска со Конкурсот може да се добијат во Секторот за филмска дејност и меѓународна соработка на телефонскот број 02/3224-100 или на емаил contact@filmagency.gov.mk

 

Пријава за организирање на домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер во 2018 година

Пријава за поддршка на производство на други аудиовизуелни дела (играна серија и документарна серија) во 2018 година


Пријава за други проекти од национален интерес во филмската дејност