Конкурс за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2018 година

Врз основа на член 25 став 1 од Законот за филмската дејност („Службен весник на РМ“’ бр.82/13, 18/14, 44/14, 129/15, 152/15, 39/16, 58/16 и 11/18), Правилникот за поблиски критериуми и мерила за оцена на критериумите за финансирање на филмски проекти од националенен интерес во филмската дејност („Службен . весник на РМ“бр.97/14), Агенцијата за филм на Република Македонија објавува:

 

КОНКУРС
ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ДОЛГОМЕТРАЖЕН И КРАТКОМЕТРАЖЕН ИГРАН, ДОКУМЕНТАРЕН И АНИМИРАН ФИЛМ ЗА 2018 ГОДИНА

 


I. Општи информации

Конкурсот се распишува за производство на:
-    долгометражен (игран, документарен и анимиран) филм и
-    краткометражен (игран, документарен и анимиран) филм
Конкурсот е отворен во текот на целата година, а одлучувањето по доставените филмски проекти е двапати годишно и тоа: во Април и во Октомври.

Крајниот рок за доставување на пријави е:
-  За првиот рок најдоцна до 12.03.2018г. (понеделник)
-  За вториот рок најдоцна до 15.08.2018г. (среда)

Филмот во зависност од креативното и финансиското учеството на Република Македонија може да биде:
-    Домашен филм, односно национален филм и мнозинска копродукција и
-    Ко-продукциски филм со малцински финансиски удел на Република Македонија (малцински ко-продукции)


II. Право на учество и услови за конкурирање

Право на учество на Конкурсот имаат само филмски продуценти регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија за вршење на дејност производство на филмови како претежна дејност и продуценти кои ги исполнуваат условите наведени во точка II од Пријавата.

III.   Документација што се доставува во врска со Конкурсот

Пријавувањето на филмските проекти се врши со доставување на пополнета Пријава со прилог документација која е наведена во Пријавата. Пријавата е составен дел од Конкурсот и е објавена на веб-локацијата на Агенцијата за филм на Република Македонија. Пријавата треба да се преземе од веб-локацијата на Агенцијата за филм на РМ (www.filmagency.gov.mk) да се пополни на македонски јазик електронски со впишување на податоци на означеното место и да се верификува.
За секој филмски проект се пополнува соодветна и одделна Пријава. Пријавата содржи подетални информации за условите за учество на Конкурсот, критериумите и мерилата за финансирање како и информации за задолжителната документација која е потребно подносителот да ја достави во прилог на Пријавата, како и други документи/материјали потребни за дообјаснување на филмскиот проект, за кои подносителот цени дека е потребно да ги достави.
Целосната документација доставена со Пријавата на Конкурсот задолжително се доставува и по електронски пат на: info@filmagency.gov.mk.
Доставените Пријави и доставената документација по Конкурс не се враќаат на подносителот.


IV.  Приоритети за финансирање на проекти

Приоритет при одлучувањето на Конкурсот ќе имаат филмски проекти кои покрај уметничкиот квалитет, имаат потенцијал на циркулација, ја афирмираат Република Македонија, тематски универзални и на некој начин ги отсликуваат тековите на живеење со сите негови поимања, како и автентични филмски проекти од реномирани македонски автори, млади автори - дебитанти и малцински копродукции кои ќе придонесат за унапредување на македонската кинематографија.

V. Критериуми и мерила за евалуација на проекти

Филмските проекти се евалуираат согласно Правилникот за поблиските критериуми и мерила за оцена на критериумите за финансирање на филмски проекти од национален интерес во филмската дејност (Сл.весник на РМ, бр.97 од 26.06.2014г.), според критериумите:
- Оргиналност, автентичност и квалитет на содржината на сценариото;
- Успешност на филмскиот продуцент;
- Успешност на режисерот и
- Изводливост на филмскиот проект во однос на буџетот, сложеноста, планот и термините за снимање.

VI.  Висина на учество на Агенцијата во финансирањето

1. Агенцијата ќе учествува во финасирање на филмските проекти со средства во висина до најмногу 70% од вкупниот буџет и тоа за:
-    Долгометражен игран и анимиран филм не повеќе од 62.000.000 денари и за долгометражен документарен филм не повеќе од 5.000.000 денари;
-    Краткометражен игран, документарен и анимиран филм не повеќе од 3.000.000 денари
2. Агенцијата ќе учествува во финансирање на филмските проекти за дебитански филм со средства до најмногу 90% од вкупниот буџет и тоа за:
-    Долгометражен игран и анимиран филм не повеќе од 25.000.000 денари и за долгометражен документарен филм не повеќе од 3.000.000 денари;
-    Краткометражен игран, документарен и анимиран филм не повеќе од 1.000.000 денари
3. Агенцијата ќе учествува во финансирање на филмски проекти од посебен интерес за Република Македонија со средства до најмногу 90% од вкупниот буџет и тоа за:
-    Долгометражен игран и анимиран филм кои може да бидат и повеќе од 62.000.000 денари и за долгометражен документарен филм не повеќе од 10.000.000 денари;
-    Краткометражен игран, документарен и анимиран филм не повеќе од 4.000.000 денари
Задолжителни обврски за филмскиот продуцент е при изработка на буџетот во средствата кои ги побарува од страна на Агенцијата да ги предвиди и средствата за маркетинг, промоција,  дистрибуција и изработка на ДВД на филмовите, како и надоместоците за авторски и други хонорари кои ќе бидат финансирани од Агенцијата да ги утврдува согласно член 28 од Законот.

VII. Начин на користење на финансиските средства за проекти што ќе бидат избрани на Конкурсот

1. За домашни филмови (национални филмови и мнозински ко-продукции) најмалку 65% од средствата доделени од Агенцијата мора да се трошат во Република Македонија
2. За ко-продукциски филмови (малцински ко-продукции) најмалку 80% од средствата доделени од Агенцијата мора да се трошат во Република Македонија
Филмскиот продуцент корисник на финансиските средства е должен истите да ги троши исклучиво од оперативната сметка за посебни намени т.н наменска сметка отворена за проектот и да се придржува до финансискиот план, оперативниот план и буџетот кои се составен дел од договорот. По секоја фаза на реализација на филмскиот проект до Агенцијата доставува извештај за потрошени средства, документација за направените трошоци (договори, фактури, сметки) и докази за направени трошоци (изводи од банка).

VIII. Начин и рок за поднесување на Пријавата

Еден филмски продуцент (правно лице) на Конкурсот може да учествува со најмногу две пријави за филмски проекти во сите категории.
Пријавата со прилог задолжителна документацијата и друга документација за Конкурс  треба да се достават до Агенцијата за филм на Република Македонија преку пошта на адреса: ул. „8 Март“ бр. 4 или со нивно предавање во архивата на Агенцијата во затворен плик со назнака „Пријава на Конкурс за производство на филмови’’ најдоцна до 16:00 часот  последниот ден утврден како рок за доставување на  пријави на Конкурсот, односно:

- За првиот рок најдоцна до 12.03.2018г. (понеделник)
- За вториот рок најдоцна до 15.08.2018г. (среда)

Пријавите кои ќе пристигнат по истекот на првиот рок, односно пријавите кои ќе пристигнат на 13.03.2018 година, ќе бидат разгледувани во вториот рок за прием на пријави по Конкурс.
Пријавите кои ќе пристигнат по истекот на вториот рок, односно пријавите кои ќе пристигнат на 16.08.2018 година ќе бидат отфрлени од натамошно разгледување во тековната година и истите ќе бидат вратени до филмскиот продуцент со напомена дека има право да го пријави филмскиот проект на Конкурсот кој ќе биде отворен наредната година.

IX. Дополнителни информации

Дополнителни информации во врска со Конкурсот може да се добијат во Секторот за филмска дејност и меѓународна соработка на телефонскот број 02/3224-100 или електронски на: info@filmagency.gov.mk  и  contact@filmagency.gov.mk

 

Пријава за национални филмови и мнозински копродукции               Пријава за малцинска копродукција

-Рекапитулар од буџет                                                                              -Рекапитулар од буџет

-Финансиски план                                                                                     -Финансиски план

-Прашалник за успешност на режисер                                                               

-Прашалник за успешност на продуцент