Конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност за 2015 година

 

Врз основа на член 25 став 2 а во врска со член 4 став 1 алинеја 2, 5, 6, 7, 8, 9, 11 и 12 од Законот за филмската дејност („Сл. Весник на РМ’’ бр.82/13, 18/14 и 44/14), Агенцијата за филм на Република Македонија објавува



КОНКУРС ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ ОД НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС ВО ФИЛМСКАТА ДЕЈНОСТ ЗА 2015 ГОДИНА


I Општи информации
Конкурсот се распишува за финансирање на проекти за:

-    поддршка на пишување на сценарија
-    организирање на домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер
-    унапредување на филмската дејност во Република Македонија

Краен рок за прием на пријавата: 26.02.2015

Резултатите по конкурс ќе бидат објавени во рок од најмногу 60 дена од денот на затварање на конкурсот, и ќе се објават на веб страната на Агенцијата за филм на Република Македонија www.filmagency.gov.mk
Разгледување и оценување на проектите доставени по конкурсот ќе се врши во согласност со приоритетите, условите и оценката на квалитет на проектот. 
Проектите прифатени на конкурсот по добивање на одлуката, со директорот на Агенцијата за филм склучуваат договор за финансирање на  проекти од национален интерес во филмската дејност.


II Приоритети за финансирање на проекти од национален интерес
Агенцијата за филм на Република Македонија ќе ги финансира проекти кои:
-    македонската кинематографија ја ставаат во интернационален контекст,
-    имаат европски, односно меѓународен карактер,
-    го промовираат интеркултурниот дијалог и развој на граѓанското општество,
-    се засновани на стручно и професионално знаење,
-    имаат висок квалитет и профилираност на основната дејност,
-    се одржуваат континуирано и со традиција.


III Документација која се доставува на конкурс
Пријавувањето на проектите се врши со доставување на пополнета пријава. Пријавата на проекти од национален интерес во филмската дејност е составен дел од Конкурсот и е објавена на веб-локацијата на Агенцијата за филм. Пријавата треба да се превземе од веб-локацијата на Агенцијата за филм (www.filmagency.gov.mk) да се пополни на македонски јазик електронски со впишување на податоци на означеното место и да се верификува. За секој проект се пополнува соодеветна и одделна пријава.
Со пријавата подносителот на пријавата потребно е да ја достави и задолжителната документација која е содржана за секој проект одделно во самата пријава.
 
На конкурсот нема да бидат разгледувани пријави кои:
-    не се поднесени во рокот за поднесување на барање на овој конкурс,
-    се со нецелосни и неточни податоци и
-    се со нецелосно доставена задолжителна документација која точно е опишана во самиот образец на пријавата за одделна категорија


IV Начин на користење на средства
Правните и физичките лица чиј проект е избран на конкурсот, односно корисници на средствата се должни средствата да ги трошат наменски и законски согласно позитивните прописи во Република Македонија и одредбите пропишани во договорот кој ќе го склучат со Агенцијата за филм. По реализација на проектите корисниците се обврзани да достават извештај за потрошените средства со прилог документација за направени трошоци (договори, фактури, фискални сметки и сл.) и докази за направени трошоци (изводи од банка).



V Начин на доставување на барање
Пријавата и документацијата по конкурс треба да се достават до Агенцијата за филм на Република Македонија преку пошта на адреса: ул. „8 Март“ бр.4 или до Архивата на Агенцијата за филм на Република Македонија во затворен плик со назнака “пријава на конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност’’ најдоцна до 16:00 часот на 26.02.2015 год.

Пријавата и документацијата воедно задолжително се доставува и во електронска форма на е-маил адресата: info@filmfund.gov.mk


VI Дополнителни информации
Дополнителни информации во врска со Конкурсот може да се добијат во Секторот за филмска дејност и меѓународна соработка на телефонскот број 02/3224-100, кај одговорните лица Даниела Станковска Плачковска и  Анита Стојческа
Забелешка:  На 04.02.2015 година (вторник), во периодот од 11:00 до 12:00 часот, Агенцијата за филм ќе организира отворен ден за консултации на кој ќе биде направена презентација и практично објаснување на начинот на пополнување на пријавите. На овој ден учесниците на конкурсот ќе можат да се информираат, да бараат совети и сл.

 

Пријавa за проекти за унапредување на филмската дејност во Република Македонија

Пријавa за проекти за организирање на домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер

Пријавa за проекти за поддршка за пишување на сценарија