Објавени наградите на 12. Издание на Фестивалот на македонски филм во Торонто, Канада

03/11/2017

 

Фестивалот на македонски филм, што се одржа на 28 и 29 октомври во Торонто, Канада, ги објави наградените филмови. Најдобар долгометражен филм „Ослободување на Скопје“во режија на Раде и Данило Шербеџија, најдобар документарен филм: „Балкански корени“ во режија на Крис Рабит и Ентони Флечер, најдобар краткометражен филм: „Борба за смрт“ во режија на Елеонора Венинова.

Според фестивалското жири, составено од еминентните филмски експерти Лари Анклевиц, Кристина Почмурски и Френк Карусо, „Ослободување на Скопје“ е исклучително остварување во однос на актерската екипа, режијата и сценариото, кое успешно успева да ги долови страдањата на македонскиот народ за време на војна. Актерката Силвија Стојановска ја доби наградата на најдобра актерка.

Во образложението на наградата за документарен и краткометражен филм, жирито потенцираше дека „Балкански корени“ е одлично продуциран документарен филм, кој изобилува со прекрасна музика и музичари кои си ја сакаат професијата, додека „Борба за смрт“ успешно го комбинира жанрот комедија со реалноста на умирачката која вообичаено се третира како табу тема.

Поради големиот интерес од страна на публиката, „Ослободување на Скопје“ беше повторно прикажан на 28. октомври во 15.30 часот и 19.30 часот. Повеќе информации за фестивалот можете да најдете на следниот линк: www.macedonianfilmfestival.com.