13то издание на фестивалот „Астерфест“ во Струмица

27/06/2017

 

Од 26 до 30 јуни, Струмица по тринаесетти пат е домаќин на традиционалниот Интернационален филмски фестивал „Астерфест“ кој годинава се одржува под мотото „Меѓу фактот и фикцијата“. Во петте фестивалски денови на програмата се околу 40 ексклузивни кусометражни играни и документарни филмови во компетитивните категории: Анимоушн, Глобална фикција и Ѕвездени документи, како и во ревијалните програми Мувиленд, Мери-Дионс, Посвети и Оберхаузен на турнеја.

Свеченото отворање на фестивалот се случи на 26 јуни, во големата сала на НУЦК „Антон Панов“ каде што ќе бидат одржани сите филмски проекции во текот на фестивалот. Најпрво беа доделени наградите на лауреатите Џеки Шепард и Коле Ангеловски, а потоа следуваа проекции на филмовите: „Јас сум Сами“, повеќекратно наградуван филм на Кае Бахар, номинираниот за Оскар „Виолината на Џо“ на Кахане Куперман, оскаровецот „Пеј“, филмско остварување на Кристоф Деак, како и филмот на Ендрју Коутс и Лу Хаму-Лхаџ, „Позајмено време“, со номинација за Оскар.

На отворањето на фестивалот се обрати Директорката на Агенцијата за филм на РМ, Г-ѓата Мими Ѓоргоска Илиевска, која ги поздрави присутните и меѓу другото истакна: Репертоарот на првата фестивалска вечер е вистинска потврда дека за публиката е направена инспиративна и привлечна фестивалска селекција од реномирани наслови и автори. Во изминатите 13 години „Астерфест“ како филмски фестивал посветен на краткометражните филмски остварувања, во целост ја потврди својата општествена и пред се културна оправданост. Имено овој фестивал ја потенцира вистинската вредност на кратката филмска форма како специфичен филмски јазик, како филмски сублимат на збиена наративна структура, експлозија на естетска експресивност и пред се директна и јасна порака која недвосмислено е насочена кон гледачот. Со поддршката на „Астерфест“, сакаме да придонесеме кон уште поголема афирмација на кратките филмски форми како еквивалентно релевантни филмски дела, во однос на долгомоетражните филмови.

Првата фестивалска вечер продолжи со блокот од шест анимирани и исто толку танц-филмови.

За наградите ќе одлучува меѓународно жири во кое членуваат филмските автори: Наталја Алтхаузер од Германија, Елена Мелончели од Италија и Срѓан Финк од Холандија.

Фестивалот е поддржан од Општина Струмица и од Агенцијата за филм на РМ.