16. Скопски Филмски Фестивал

22/04/2013

           

Српскиот филм „Кругови“ во режија на  Срѓан Голубовиќ го одбележа отворањето на  16. Скопски филмски фестивал, кој се одржува од 19-27 април.  Како специјален гостин на фестивалот, на проекцијата на филмот во кино Милениум присуствуваше и режисерот Голубовиќ.

Програмата на годинешниот Скопски филмски фестивал опфаќа три програмски дела, со одбрани филмски остварувања кои ја одбележаа минатата година. Меѓу главната програма се наоѓаат некои од најновите филмски дела како „Ветена земја“ на Гас Ван Сент, „Кралството на месечината“ во режија на Вес Андерсон, црната комедија „Седум психопати“ на Мартин Мекдона, Педро Алмодовар со „Многу сум возбуден“, „Хајд парк на Хадсон“ филмот за Френклин Рузвелт со Бил Мари во главната улога и многу други.

На фестивалот беа прикажани и три македонски краткометражни филмови од поновата продукција: „Шумарот“ во режија на Изер Алиу, „Игра и спас“ во режија на Горан Тренчовски и премиерното прикажување на анимираниот „Кружно патување на сенката“ во режија на Жарко Иванов. Филмовите се поддржани од Фимскиот фонд на Македонија.

Премиерните прикажувања на филмовите се одржуваат во кино „Милениум“, а нивните репризи и документарната програма во киното „Рамстор“. Фестивалот ќе биде затворен со рускиот филм „Предавство“ на Кирил Сребреников, во кој главната улога ја толкува Дејан Лилиќ,  а кој премиерно беше прикажан лани на фестивалот во Венеција.