Доделени наградите на 22-то издание на Сараевскиот Филмски Фестивал

23/08/2016

Проектот "Господ постои се вика Петрунија" на Теона Митевска ја доби наградата за копродукциски развој на Еуримаж во рамките на Cinelink Coproduction Market во Сараево

 

На 20. август заврши 22-рото издание на Сараевскиот Филмски Фестивал. Во рамките на церемонијата на затворање на фестивалот беа прогласени наградените филмови и автори.

Наградата „Срце на Сараево“ за најдобар игран филм ја доби филмот „Албум“ на режисерот Мехмет Чан Мертоглу од Турција, Специјалната награда на жирито ја доби бугарскиот филм „Безбог“ на режисерката Ралица Петрова, а награда од жирито доби и романскиот филм „Кучиња“ на Богдан Мирича. За најдобра актерка беше прогласена Ирена Иванова од Бугарија, за улогата во филмот „Безбог“, а за најдобар актер беше прогласен Џорџ Вишу од Романија, за улогата во филмот „Кучиња“.

Во категоријата Краток филм, наградата Срце на Сараево за најдобар краток филм ја доби српскиот филм „Транзиција“ на Милица Томовиќ, а награди од жирито добија и романскиот филм „4:15 Крај на светот“ и хрватскиот филм „Ѕвер“. Срцето на Сараево за најдобар документарен филм го доби „Само здив“ од Романија на режисерот Моника Лазуреан Горган, додека специјални награди од жирито добија и босанскиот филм „Врескај за мене Сараево“ на Тарик Хоџиќ и турскиот филм „Баглар“ на Берке Бас и Мелис Бирдер.

Наградата за човекови права ја доби филмот „Врескај за мене Сараево“ на Тарик Хоџиќ, а специјлната награда во оваа категорија ја доби словенскиот филм „Граници“ на Дамјан Козоле.
Почесните награди Срце на Сараево ги добија светски познатиот актер, режисер и продуцент Роберт де Ниро, режисерот Стефен Фреарс и Волфганг Амадеус Брулхарт, поранешен културн советник и Шеф на мисијата на Швајцарија во Босна и Херцеговина.

Во рамките на CineLink Industry Days, која во последните години е една од најуспешните платформи за развој и за финансирање проекти во Европа, беа доделни повеќе награди. На Синелинк ко-продукцискиот маркет, каде како дел од жирито учествуваше и директорката на Агенција за филм на Република Македонија, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, награда во висина од 10.000 евра додели и Агенцијата за филм за романскиот проект „Ото Варваринот“. Наградата за копродукциски развој на Еуримаж во износ од 20.000 евра, ја доби македонскиот проект "Господ постои се вика Петрунија" на Теона Митевска. Наградата од 6000 еврра која ја доделува Арте ја доби проектот „Ела и Хилми“ од Турција, а школарина во рамки на програмата EAVE доби проектот „Барајќи ја Венера“ од Косово.

Покрај овие, награди беа доделни и во рамки на програмите Синелинк Ворк ин прогрес и Доку Рав Кат Бутик. Целосната листа на награди, како и составите на жири комисиите на фестивалот може да се најдат на следниот линк:

http://www.sff.ba/en/news/10517/22nd-sarajevo-film-festival-awards