230.000 евра европска поддршка за македонски копродукции

31/10/2016

 

Во текот на минатата недела (од 17 до 21 октомври) во Талин, Естонија, се одржа 144-та седница на Бордот на директори на европскиот фонд Еуримаж. На седницата на Бордот, присуствуваше и г-ѓа Мими Ѓоргоска Илиевска, како национален претставник од Република Македонија и директор на Агенцијата за филм на Република Македонија. На оваа седница, покрај останатото беа донесени одлуки за финансиска поддршка на проекти во програмата за копродукции, програма за поддршка на кината, програма за поддршка на дистрибуција, промоција и поддршка на акциониот план за полова еднаквост.

 

Во однос на филмските проекти на конкурсот за поддршка на ко-продукции, кој беше објавен од страна на Еуримаж во текот на месец август оваа година, од вкупно пријавени 46 филмски проекти, поддршка добија 26 филмски проекти за кои е доделен вкупен  износ од 5.689.593 евра.

На 144-та седница од Република Македонија поддршка добија 3 (три) проекти – долгометражни играни филмови со малцински финансиски удел од Република Македонија и тоа:

-„Компатибилити“  во режија на Стефан Командарев

Ко-продукција: Argo Films Ltd (Бугарија), Aktis Film (Германија) и Сектор Филм (Македонија), со поддршка од 100.000 евра;

-„Жаба“ во режија на Елмир Јукич

Ко-продукција: Refresh Production (Босна и Херцеговина), Скопје Филм Студио (Македонија) и Living Pictures (Србија), со поддршка од 80.000 евра;

-„Соседи“ во режија на Grigol Abashidze

Ко-продукција: Artizm (Грузија) и Смалл Мовес (Македонија), со поддршка од 50.000 евра

Горенаведените филмски проекти исто така имаат добиено финансиска поддршка од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија по пат на Конкурс за финансирање на проекти за производство на долгометражен или краткометражен игран филм, за документарен и за анимиран филм како ко-продукции со македонски малцински удел.

 

Македонија и градот Скопје  домаќин на 148-та седница на Еуримаж

На седницата беа утврдени и усвоени и датумите на седниците за наредната 2017 година, односно беше потврдено и дека 148та седница на Бордот на директори на Еуримаж ќе се одржи во период од 16 до 20 октомври 2017 година во Скопје, Република Македонија.  

 

Еуроимаж е фонд при Советот за Европа за копродукција, дистрибуција, производство  и дигитализација на Европските кинематографски дела. Фондот е конструиран во 1989 година во рамките на Советот на Европа  како  делумен  договор, со одлука од Советот на Министри. Моментално фондот брои 36 земји членки. Македонија е членка на Еуроимаж од 2003 година.

Целта на Еуроимаж е да се промовира европската филмска индустрија, преку поттикнување на производство и  дистрибуција на филмови и потикнување за копродукции помеѓу филмските професионалци. Фондот има јасна културна цел која е комплементарна на Медиа Програмата на Европската Унија. Еуроимаж има развиено четири финансирачки програми: подршка за ко-продукција, дистрибуција, киносали и подршка за дигитализација на проектите подржани од страна на Еуроимаж. Фондот подржува долгометражни играни, анимирани и документарни филмови  (должина минимум 70минути)

Главниот услов за добивање на  подршка од страна на Еуроимаж е проектот да е ко-продукција најмалку помеѓу  две земји членки, но земјите кои не се членки исто така можат да аплицираат во ко-продукција.