Почнува второто издание на „Џифони Македонија“

08/10/2014

    

На прес конференција која се одржа денес во Младинскиот Културен Центар присуствуваа уметничкиот директор на Giffoni Experience, Клаудио Губитози,  Дарко Башески,  директор на Агенцијата за филм на Република Македонија и Елена Величковска, директор на Здружението за ширење на филмската култура Џифони М,  кои го најавија отпочнувањето на второто издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“, како и програмата и активностите кои ќе се реализираат во склоп на фестивалот.

Адријано Валерио, добитникот на почесна награда за краткометражен филм на минатогодишното издание на Канскиот филмски фестивал, е првиот филмски работник кој денес  зачекори на првиот "Green carpet", активност во склоп на фестивалот што претставува уникатна можност младите да се запознаат со познатите филмски дејци.

Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“, свечено се отвора денес со почеток од 19:30 часот во кино Милениум со филмот „Мафијата убива само на лето“. Фестивалот ќе се одржува до 12 октомври под мотото „Крстопати“.