ИФФК „Браќа Манаки“ 2011

10/10/2011

Под мотото „Продолжи да гледаш“ на 15ти Октомври ќе започне новото издание на Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе трае до 21-ви овој месец. Фестивалот ќе го отвори албанскиот филм „Крвта што простува“ на американскиот режисер Џошуа Марстон кој доби „Сребрена мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал. 

На 32то издание на фестивалот ќе бидат прикажани 75 филмови во осум програми. Ексклузивните гости и жирито ќе бидат објавени во текот на оваа седмица. Фестивалот веќе ги објави кинематограферите лауреати на „Златна камера 300“ - италијанскиот Данте Спиноти - за животно дело, и францускиот Бруно Делбонел - добитник на Специјалната награда. Во нивна чест ќе бидат прикажани „Последниот Мохиканец“ (Спиноти) и „Амелија Пулен“ (Делбонел). 
Во главната натпреварувачка програма ќе се прикажат десет филмови потврдени на најпрестижните филмски фестивали во Берлин, Кан и Венеција. Во програмата „Нови визии“ ќе се прикажат седум филмови, од кои три се дебитантски. Новост во оваа програма е воведување на награда што ќе ја додели жири од градот Битола. Во документарната програма, пак избрани се единаесет филмови, меѓу нив ќе биде и светската премиера на „Трагачи по звукот“ на македонската режисерка Сузана Диневски.

Повеќе на www.manaki.com.mk