Почнува 33. Меѓународен фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

15/09/2012

 

Традиционално, 33. Фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, ќе биде отворен вечерва во Битола, со премиерата на „Трето полувреме“, филм на Дарко Митревски и официјален македонски кандидат за Оскар.

 

                     

 

Годинешното издание нуди избор од импресивна програма составена од врвни остварувања од европската и филмската продукција, проследена од бројни филмски професионалци и филмски љубители од целиот свет. Покрај официјалната компетиција на долгометражни филмови, чии директори на фотографија се натпреваруваат за Златна, Сребрена и Бронзена „Камера 300“ награда, дел од годинешното издание ќе биде посветен и на „Македонска панорама“ - селекција од најдобрата современа македонска кинематографија.  

Фестивалот исто така ја доделува и престижната  награда за животно дело „Златна Камера 300“, наменета за водечки имиња од светската кинематографија, со која годинава се наградува  Лучано Товоли, еден од најголемите кинематографи на  италијанската и светската кинематографија, додека лауреат и добитник на Специјалната “Златна Камера 300” за особен придонес во филмската уметност е  Австриецот Кристијан Бергер.

Француската филмска дива Катрин Денев е најавена како ексклузивна гостинка на фестивалот која вечерва на свеченото отворање ќе ја прими Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.

За првпат во својата историја филмот ќе биде отворен и затворен со македонски филм. Премиерата  на филмот „Балканот не е мртов“ во режија на Александар Поповски ќе ја има честа да го затвори фестивалот на 21 септември.

 

 

Повеќе информации за фестивалот, ОВДЕ