5. издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“

02/11/2015

 

Петтото јубилејно издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ се одржа од 5-ти до 8-ми ноември во Кино Фросина, МКЦ и Кинотека на Македонија.

Во четирите фестивалски денови беа прикажани 50 филмови, од кои 7 беа наменети за детската публика. Тие беа избрани од пријавените рекордни  427 анимации од 56 земји во светот.

Голем дел од филмовите кои се бореа за Златната тула се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија. На фестивалот беше доделена и Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот гласаа децата во четири фестивалски денови. Градоначалникот на Град Скопје додели Специјална плакета на авторката од Шпанија, аниматорката Диди Родан.

За време на фестивалот беа одржани и 4 работилници во просториите на Кинотека на Македонија,  Кино Фросина, МКЦ и Агенција за филм на РМ.

Од филмовите кои се поддржани од АГенцијата за филм, фестивалот ги награди анимираните филмови  „Девојката што паѓа“ во режија на Владимир Лукаш со Специјално признание од жирито додека „Кружно патување на Марето“ во режија на Жарко Иванов беше награден со Сребрена Тула.

„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со  Креативниот центар Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија и Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија и МКЦ.„Анимакс Скопје Фест“ е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.

Повеќе информации за фестивалската програма на http://www.animaxskopjefest.mk