Започнува 6. издание на фестивалот за анимиран филм „АНИМАКС“

01/12/2016

 

 

Шестото издание на Меѓународниот филмски фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест“ започнува денес и ќе се одржува  до 1-4 декември во Кинотеката на Република Македонија под мотото „За нагоре“.

На фестивалот ќе бидат прикажани 50 анимирани филма во официјалната програма, од кои 8 се наменети за детската публика. Селекцијата е направена од пријавените рекордни 1.527 анимации од 85 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други, а голем дел од селектираните филмови се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А-категорија.

Традиционално на последниот ден од фестивалот, 4 декември, ќе бидат доделени наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула, а за нив ќе одлучува меѓународна жири-комисија. Исто така, ќе биде доделена и Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во четири фестивалски денови.

Градоначалникот на Град Скопје ќе додели Специјална плакета Гран при на авторот Николас Бролт од Канада.


За време на фестивалот ќе бидат одржани и 3 работилници за анимација и една промоција на книга.


Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20.00 часот. Проекциите за деца се бесплатни.

„Анимакс Скопје фест“ е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.

„Анимакс Скопје фест“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со филмското училиште „Тинтири-минтири“ од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија, Град Скопје и во соработка со Кинотека на Македонија.