Директорката на Агенција за филм, г-ѓа Мими Ѓоргоска Илиевска и Амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристијан Тимонје со заедничка изјава по повод прикажувањето на филмот „Семејство без сопирачки“ во Синеплекс

18/01/2017

 

На 16 јануари 2017, во Киното Синеплекс, пред проекцијата на филмот „А Фонд“ или „Семејство  без сопирачки“, г-ѓата Мими Ѓоргоска-Илиевска, Директорка на Агенцијата за филм на Република Македонија и г-динот Кристијан Тимонје, Амбасадор на Франција, дадоа заедничка изјава со која силно ја поздравија соработката помеѓу францускиот продуцент „Шик филмс“ и македонскиот продуцент „Мануфактура“ која придонесе овој филм да се сними во најголем дел во Македонија.

Исполнувањето на посебните услови што ги бараше францускиот подуцент како и поволностите  што ги нуди законот за поврат на 20% од вложените средства, беа пресудни за француската страна. Директорката на Агенцијата за филм и Амбасадорот на Франција истакнаа дека благодарение на оваа значајна соработка во сферата на аудиовизуелната индустрија, францускиот партнер и донесе бенефит на Македонија во висина од 2 милиони евра за филм со вкупен буџет од 12 милиони евра.

Г-ѓата  Ѓоргоска и г-динот Тимонје  воедно изразија надеж дека прикажувањето на овој филм ќе придонесе за промоција на Македонија како интересна дестинација за филмски потфати, и ќе отвори пат кон нови соработки. На крајот г-динот Тимонје истакна дека филмот „Семејство без сопирачки“ има одличен одек кај француската публика и добро  е рангиран на францускиот бокс офис.