Најава на 4. издание на „Џифони Македонија“

20/10/2016

 

Денес со почеток во 11:30 часот во просториите на Младинскиот културен центар- Галерија се одржа Прес конференција на која беше најавено четвртото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ кое ќе се одржи во период од 21-26 октомври 2016 год., во Скопје.


На почетокот од прес конференцијата беше истакнато дека успешната приказна „Џифони’’ продолжува да се создава во Република Македонија и во наредните години, благодарение на новата тригодишна спогодба која оваа година во Италија беше потпишана од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија и Giffoni Experience, Италија. Одговорноста и исклучителното право на користење на брендот и логото на „Џифони‘‘ на територијата на Република Македонија заклучно до 31.12.2018 година повторно е доверена на Агенцијата за филм на Република Македонија, додека потписничките на спогодбата, односно Агенцијата и Giffoni Experience довербата за организација на Филмскиот фестивал за млади “Џифони Македонија” и другите активности под брендот Џифони ја доверуваат на Здруженијата: Планет М и Џифони М. Дарко Башевски е Извршен директор на Џифони Македонија и официјален преставник на Giffoni Experience во Република Македонија, додека Елена Величковска Николовска, уметнички директор на Џифони Македонија.

Во текот на шестте фестивалски денови тимот на Џифони Македонија во соработка со Агенцијата за филм на Република Македони и Giffoni Experience, Италија ќе се обидат преку филмот и богатата филмска и едукативна програма да создадат уште една успешна приказна исполнета со нови можност и нови искуства за младите во нашата земја како и младите од другите земји кои се дел од интернационалното жири. Фестивалската програма е со темата: Сказноверзиум, и истата ќе претставува поттик сите заеднички да создадеме еден мал универзум Џифониверзум во кој ќе има простор за сите филмски приказни, ваши приказни и културни креации кој заеднички ќе ги создадеме.

Фестивалските активности ќе се одвиваат на две локации и тоа: Јуниорите (деца од 10 год. до 13 год.) своите активности ќе ги следат во Кинотеката на Република Македонија, додека Кадетите (од 13 год. до 16 год) и Сениорите (16 год. до 18 год.) своите активности ќе ги следат во Младинскиот културен центар.

Свеченото отварање на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија’’ ќе се одржи на 21 октомври 2016 год. со почеток во 19:30 часот во Градското кино Милениум и на истото ќе биде прикажан италијанскиот филм „Италијанска трка- брз како ветерот’’ во режија на Матео Ровере.

И оваа година како и изминатите години интернационалното жири на фестивалот ќе биде составено од повеќе од 500 млади на возраст од десет до осумнаесет години поделени во три старосни категории,  а фестивалот го задржува својот меѓународен карактер, односно освен млади од Република Македонија вооедно  ќе опфати и повеќе од 50 млади од земји од Италија, Хрватска, Србија, Романија, Грузија, Азербејџан, САД, Велика Британија и Албанија кои ќе бидат дел од жирито.

Фестивалската програма ќе изобилува пред се со богата  филмска програма која ќе биде составена од 15 (петнаесет) филмови во компетиција како и ревијална филмска програма составена од 2 (два) македонски долгометражни филмови, 4 (четири) македонски краткометражни филмови и 5 (пет) италијански краткометражни играни филмови, многубројни едукативни работилници како кореодрама, стрип, анимација, авторски филм- од идеа до премиера, фотоверзум, документарен филм и многу други придружни активности кој ќе ги поттикнат младите на една незаборавна дружба, на стекнување на нови знаења, мултикултурна размена на искуства и можности да бидат и останат и понатаму љубители на филмот и културата.

Во однос на програмата во официјална селекција во склоп на сите три возрасни категории ќе бидат прикажани вкупно 15 филмови  во компетиција и тоа со следните наслови:

 

Категорија Јуниори

„Вселенски кучиња“(Русија, 2010, 85’) во режија на Ина Евланикова и Свитослав Ушаков

„Авантурата на Нели“ (Германија, 2016, 97’) во режија на Доменик Весели

„Син велосипед“(Турција, 2015, 94’) во режија на Умит Корекен

„Малиот ганстер“(Холандија, 2016, 102’) во режија  на Арне Тонен и Арнт Џек

„Момче фантом“(Франција, 2015, 84’)  во режија на Жан- Луп Фелисоли и Алан Гањол

 

Категорија Кадети

„Магла во Август“ (Германија, 2016, 126’)  во режија на Кеј Весел

„Кало Поти- Црвената кокошка“ (Непал, 2015, 90’)  во режија на Мин Бахадур Бам

„Papa“ (Шпанија, 2016, 88’) во режија на Пепа Сан Марин

„Ќе дојде денот“ (Данска, 2016, 110’) во режија на Јеспер В. Нилсен

„Кутија“ (Русија, 2016,99’) во режија на Едуард Бордуков

 

Категорија Сениори

„Професор по виолина“ (Бразил, 2015, 102’)  во режија на Сержо Машадо

„По оној свет“ (Шведска, 2016, 102’)  во режија на Магнус Фон Хорн

„Философи“ (САД/Индонезија, 2016, 107’) во режија Џон Ходлс

„Заспаната девојка“ (Австрија, 2016, 77’) во режија на Розмери Маерс

„Цвет“ (Италија, 2016, 210’) во режија на Клаудио Џованези

 

Џифони Македонија е поддржан од Агенција за филм на Република Македонија и Giffoni Experience, Италија.

Организатори: Планет М и Џифони М.

Покровители: Министерството за култура на Република Македонија, Министерството за образование на Република Македонија, Министерството за култура на Република Италија, Амбасадата на Република Италија во Република Македонија, Младинскиот културен центар, Кинотеката на Република Македонија, Градот Скопје, Општина Карпош, Областа Кампанија и многу други.

Спонзори: Хотел Холидеј Ин, Витаминка АД, Орбико – Чупа Чупс и многу други.

Фестивалот е поддржан од Македонски Телеком.