Премиера на анимираниот „АКТ“ во Кино Фросина

06/09/2016

 

Краткометражниот анимиран филм „АКТ“ ќе биде премиерно прикажан на 7 септември (среда)  во 21:00 часот во кино Фросина во Младинскиот Културен Центар. 

"АКТ" ги претставува историските стилови во ликовната уметност преку третманот на голото човечко тело. Во овој анимиран филм се воспоставува симулација на појавата и промените на третманот на голата човекова фигура почнувајќи од барок и рококо преку класицизмот, реализмот, импресионизмот, модернизмот и пост модернизмот. Во АКТ не постои класична нарација, туку како инспирација за нарацијата е земена самата историја на европската ликовна уметност, видена и практикувана од еден уметник, авторот на овој анимиран филм.

Филмот е во режија и по сценарио на Александар Станковски, Сашо Јовчевски е арт директор; Стеван Шашков - монтажер; Александар Пејовски - композитор и Грегорио Малканџи -дизајнер на звукот. Филмот е во продукција на ПИРЕЈ ФИЛМ од Скопје и истиот е поддржан од Агенција за филм на Република Македонија.