„Џган“ добитник на наградата Fipresci на ПриФест 2017

21/07/2017

 

Филмот „Џган“ ја освои Fipresci наградата на жирито на овогодинешниот ПриФест во Приштина, со што го задржува приматот на еден од најуспешните Македонски филмови од поновата Македонска историја.

Меѓународниот филмски фестивал во Приштина (PriFest) е основан е во 2008 година и оваа година го има своето 9-то издание. Фестивалот се состои од четири натпреварувачки програми: Програмата за Европски филм, Програмата за филмови во конкуренција од Балканот (исто така позната како Honey and Blood Cinema) во која што и се натпреваруваше „Џган“, Програмата за средно метражни филмови (составена од филмови од 25-60 мин.) и од оваа година, Програмата за документарен филм како официјална натпреварувачка селекција.

„Џган“ своето прикажување пред косовската публика во секцијата „Honey and Blood Cinema“ го имаше на 16.07.2017, во присуство на продуцентот Огнен Антов, режисерот Вардан Тозија и главниот актер Мартин Ѓоргоски.  

Филмот е во продукција на Дрим Фектори, ко-продуцент на филмот е Red helicopter films од Албанија и истиот е реализиран со поддршка од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија и SEE Cinema network.