„Џган“ добитник на Grand Prix на Интернационалниот филмски фестивал во Китзбил, Австрија

01/09/2017

 

Македонскиот игран филм „Џган“ на режисерот Вардан Тозија ја освои Главната награда на овогодинешниот Интернационален филмски фестивал во Китзбил, Австрија, кој се одржа од 21 до 27 Август, со што се етаблира како еден од најуспешните филмови од поновата Македонска кинематографска историја.

Жирито во состав Патриша Аулицки (актерка), Мишел Бергман (новинар и критичар), Јулија Диетце (актерка и продуцент), Нилс Данкер (продуцент),  Ает Лаигу (сценарист и продуцент), се одлучи да ја даде наградата токму на „Џган“ поради уникатноста во изразот и начинот на кој една необична приказна е искажана низ специфичен филмски јазик.

Ова е уште едно меѓународно признание за филмот кој го отсликува светот на децата штитеници од дом за деца без родители. Главните улоги ги толкуваат: Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. Македонски продуцент на филмот е Огнен Антов од „Дрим фектори“.