„Како да ме нема“ започнува со редовна кино дистрибуција во Скопје

28/10/2011

По премиерната проекција на 32.  Интернационален фестивал на филмска камера„Браќа Манаки“ во Битола, долгометражниот игран филм „Како да ме нема“ (As If I Am Not There) во режија на Хуанита Вилсон, ќе започне и со редовно кино прикажување и во Скопје. Филмот e  ирско-шведско-македонскa  филмска копродукциja и актуелен кандидат на Република Ирска за Оскар за 2012  година.  Снимањето на филмот во текот на 2009 година беше реализирано на повеќе локации на територијата на Македонија. Во филмот учествува бројна актерска екипа од Македонија. Потресен, трагичен и базиран врз вистински настан „Како да ме нема“  ја раскажува приказната за една млада девојка од Сараево,  која во текот на војната во Босна (1992)  ќе се најде на погрешно место и во погрешно време.  Ова филмско остварување,  базирано на истоимената книга на познатата хрватска писателка Славенка Дракулиќ, е вистинско сведоштво за неверојатната волја на човекот за преживување.  Со специфичен филмски ракопис ирската режисерка Хуанита Вилсон успева да создаде универзална сага за војната, страдањата, љубовта и истрајноста. Главните улоги во филмот ги толкуваат Наташа Петровиќ актерка од Македонија и Феџа Штукан од Босна и Херцеговина.  Во останатите улоги настапуваат Ирена Апелгрен, Николина Кујача, Звездана Ангеловска, Јелена Јованова, Стелан Скарсгард и др. 
Mакедонски продуцент e Владимир Анастасов од продуцентската куќа Сектор Филм. Македонски автори во проектот се: кастинг директор Нела Витошевиќ, композитор Кирил Џајковски, костимограф Жаклина Крстевска, сценограф Бујар Муча, копродуцент Роберт Насков. Филмот „Како да ме нема“ е кандидат за Оскар во 2012 од Р. Ирска, што е последица на трите главни награди, за филмско остварување, режија и сценарио, кои ги доби на годинашните IFTA (Irish Film and Television Awards). Досега филмот има учествувано на повеќе од 90 филмски фестивали ширум светот и има освоено бројни награди. Филмот ќе започне со прикажување во Кино Милениум во Скопје,  на 28  Октомври 2011, со почеток во 20.00 часот.