„Бикини мун“ на Манчевски ја освои бразилската критика

09/01/2018

 

Новиот филм на Милчо Манчевски „Бикини мун“, сниман во Њујорк како американска продукција, ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил. По премиерата, бразилските медиуми се преполни со пофалби за новото остварување на Манчевски, кој веќе долги години живее во Њујорк, па за „Бикини мун“ вели дека е филм за неговиот втор дом.

Фелипе Брида од „Синема на веб“ вели: „Брилијантен авторски филм, позициониран на деликатната линија меѓу играното и документарното, ‘Бикини Мун’ е модерна урбана бајка со фасцинатна приказна. Тој се наметнува како еден од најдобрите филмови на 2017 со чудесната Кондола Рашад. Лажен документарец кој елоквентно ги истражува границите на употребата на социјалните мрежи, спонтани медиуми, селфи и ‘снимам, значи постојам’. Филмот иницира дијалог за растурените семејства и животот на бездомниците во Америка“.

Главните улоги во „Бикини Мун“ ги играат Кондола Рашад, ѕвезда на серијата „Милијаради“ и трикратно номинирана бродвејска актерка, и Сара Голдберг. Директор на фотографијата е Џош З. Вајнстин, а монтажерка Ен Хусеин.

Филмот ќе биде прикажан на повеќе фестивали и во комерцијална кино-дистрибуција во текот на 2018 и 2019.