Блажевски и Штимац лауреати на осмиот АСТЕРФЕСТ

10/04/2012

 

Овогодинешниот интернационален филмски фестивал Астерфест ќе се одржи од 25 до 29 мај во Струмица под мотото "Одисеја 2012". Отворањето ќе биде во НУЦК "Антон Панов", а освен таму, главните настани ќе се одржуваат во летниот Амфитеатар и во Вељуса. Селекторите веќе ги конципираат програмските содржини кои ќе ја сочинуваат компетицијата од креативни документарни, кратки играни и анимирани филмови. Оваа година фокусот на категоријата Мувиленд ќе биде свртен кон Русија и нивните кратки филмови. Како новитет во официјалната програма ќе биде и востановувањето на наградата за најдобро сценарио која ќе го носи името "Ѓорги Абаџиев", а ќе биде одржана и работилница за филмско сценарио.

Лауреати на осмото издание на Астерфест се Владимир Блажевски и Славко Штимац, кои ќе ги добијат почесните награди на свеченото отворање, вечерта на 25-ти, а ден потоа во предворјето на Манастирот "Воведение на Пресвета Богородица" во Вељуса ќе се одржат Астер портретот и Тивериополските филмски беседи посветени на нивното творештво.

 

 

Повеќе информации за фестивалот на нивниот сајт