Фестивалот на европски филм - Синедејс отвора во четврток

10/11/2014

    

13то издание на Фестивалот на европски филм – Синедејс се отвора во четврток со македонската премиера на „Споменик на Мајкл Џексон“. Филмот е копродукција меѓу Хрватска, Македонија, Германија и Србија, по сценарио и режија на Дарко Лунгулов.

Фестивалот, кој ќе се одржи во периодот од 13-22 ноември под мотото „Пази се! Доаѓа Cinedays 13“ ќе понуди атрактивна и возбудлива филмска и музичка програма. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во богатата селекција составена од повеќе од стотина наслови од актуелната европска и светска кинематографија, меѓу кои и квалитетна понуда на музички документарци и избор од македонски краткометражни филмови, а земја во фокус со пет наслови годинава ќе биде Бразил.

Во придружната програма ќе биде организирана регионална работилница за филмска камера, поддржана од „Еуримаж“, работилница за филмска критика ќе одржи Холанѓанецот Бојд ван Хој, a светски познатата аниматорка и специјалист за визуелни ефекти Виржини Боуден ќе одржи работилница на тема „Успешното донесување одлуки во VFX дизајнот“. Во соработка со Агенцијата за филм ќе се реализира регионална EAVE ON DEMAND работилница наменета за долгометражни филмски проекти во развој, предводена од светски експерти за развој на филм.

Фестивалот затвора на 22 ноември во кино „Милениум“ со концерт во изведба на Оркестарот на Македонската Филхармонија.

Повеќе информации за фестивалот, ОВДЕ