Утре започнува Синедејс - Фестивалот на европски филм

13/11/2013

            

Со премиерата на  „Меѓу два урагана“  во режија на Брет Морген, посветен на 50годишнината на легендите на рок-музиката Ролинг Стоунс, утре се отвора 12от Фестивал на европски филм СИНЕДЕЈС.

Богатата програма на фестивалот, чие овогодишно мото е „Европа го прави тоа најдобро“ вклучува селекција на најдобрите европски и светски кинематографски остварувања на режисерски имиња како Вуди Ален, Брајан де Палма, Стивен Содерберг, Мајкл Винтерботом, Џузепе Торнаторе и многу други.

Освен богатата селекција на филмови фестивалот организира и бројни работилници, предавања и средби од истакнати филмски професионалци.

Од македонската кинематографија ќе ги видиме „По дождот: сведоштва за климатските промени“ во режија на Билјана Гарванлиева, „Барајќи ја среќата“ во режија на Марија Џиџева, „Влакна“ во режија на Елеонора Венинова, светската премиера на последното остварување на Иво Трајков „Само за губитници“ и филмот „Ј.А.Ц.Е.“ во режија на Менелаос Карамагиолис, копродукција помеѓу Грција, Португалија, Холандија, Турција и Македонија.

Фестивалот затвора на 23ти ноември со прикажување на филмот „Фалсификатор“ во режија на Горан Марковиќ.

Повеќе информации за фестивалот, ОВДЕ