„Денови на македонската култура“ во Едрене

28/03/2016

Република Македонија се претстави на манифестацијата „Денови на македонската култура“, која се одржа во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Едрене, Турција, соопшти државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби. 

Во рамките на манифестацијата, која се одржува од 25 до 28 март, Македонија се претстави под мотото „Денови на културата на Македонија и македонско-турското филмско ателје“, со настапот на младинците од фолклорното студио „Блажевски“, подготвени под менторство на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, албанското фолклорно здружение „Каршијака“, Агенцијата за филм на Република Македонија, Кинотеката на Македонија и Институтот за културно и духовно наследство на Албанците.

Во Турција беа претставени културните богатства на Република Македонија во неколку дејности - филм, фолклор и културно-историско и духовно наследство. Фолклорните друштва пред присутните се претставија со дел од најпознатите песни и ора од нивниот репертоар. Во рамките на манифестацијата беа прикажани 14 документарни и 12 долгометражни филмови од македонски и од албански автори, поддржани од Агенцијата за филм на Република Македонија. Во соработка со Кинотеката на Република Македонија, ќе биде организирана и изложба на браќата Манаки со цел запознавање на присутните со ликот и делото на првите сниматели на Балканот.

На панел-дискусијата свое обраќање имаа и директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска–Илиевска, која говореше на тема: „Перспективата на соработката меѓу македонската и турската продукција“, и директорот на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците Скендер Асани. Ѓоргоска-Илиевска рече дека на фестивалот во Едрене ќе бидат прикажани дел од творештвото на браќата Манаки, дел од насловите на Љубиша Георгиевски и на Столе Попов, како и современи македонски остварувања. 

Учеството на Македонија на оваа манифестација е финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Турција, а е во организација на Меѓународниот филмски фестивал од Едрене.

Распоредот на филмските проекции можете да го погледнете ОВДЕ