Режисерката Дина Дума избрана на „Берлинале Tалентс“

25/01/2016

    Македонската режисерка Дина Дума е една од 300 избрани филмски професионалци од 79 земји кои ќе земат учество на 14. издание на „Берлинале Талентс“, платформа за развој на млади таленти.

     Во склоп на програмата, што ќе се одржува во период од 13-18 февруари, 2016 год. ќе бидат организирани повеќе од 100 активности и настани. Предвидените работилници и мастеркласеви ќе бидат предводени од околу 150 меѓународно признати експерти меѓу кои и овогодинешната претседателка на жирито на Берлинскиот филмски фестивал, актерката Мерил Стрип.

     Меѓу избраните учесници се талентирани режисери (132), продуценти (63), актери (17), сценаристи (10), кинематографери (20), монтажери (15), продукциски дизајнери (12), филмски критичари (8), селс агенти и дистрибутери (9), дизајнери на звук (6) и композитори (8). Освен можноста за остварување контакти и соработка со потенцијални меѓународни партнери, програмата нуди и развој на избраните филмски проекти.

Листата со избрани учесници можете да ја погледнете на следниов линк