Премиера на документарниот филм „Вања Лазарова (со маки сум се родила)“

15/07/2015

Документарниот филм „Вања Лазарова (со маки сум се родила)“ беше премиерно прикажан денес со почеток во 11 часот во Кинотеката на Македонија. Документарниот филм, во режија и сценарио на Синиша Ефтимов а во продукција на Медиа Броадкастинг, е посветен на животот и делото на легендарната певица Вања Лазарова.

Филмот е приказ на нејзиниот актуелен старечки живот, испреплетен со нејзината шеесет годишна кариера. Сочинет од изјави на живите сведоци на нејзината долга кариера, архивски снимки и фотографии, филмот е портрет на најголемиот жив глас на македонската народна песна. Филмот ги обединува нејзините ѕвездени мигови од животот. Сведошвата на луѓето кои ја познавале професионално и приватно, испреплетени со нејзиното денешно битисување во институцијата која претставува последна станица од животот, а збогатени со архивски материјал, ќе овозможат жив, динамичен и богат биографски филм. На залезот на животот на Вања Лазарова, нејзина постојана преокупација и понатаму е песната. Таа секојдневно пее, исполнувајќи ги долгите пензионерски денови со убавината на македонскиот мелос.

Филмот е поддржан од Агенција за филм на Р. Македонија.