Утре почнува снимањето на „Намини бар еднаш“

07/11/2012

Утре, 8-ми ноември, ќе биде удрена првата клапа на краткометражниот филм „Намини бар еднаш“ на младата режисерка Косара Митиќ.

„Намини бар еднаш“ раскажува една навидум вообичаена приказна, која може да се случи во било кое ќоше во светот. Започнува како типичен трилер, со напната атмосфера и параметри кои го наведуваат гледачот да верува дека ќе биде сведок на злосторство, за веднаш по пресвртот да добие друга димензија.

Ова е дебитантски филм на Косара Митиќ, после нејзиното дипломирање на Катедрата за филмска и телевизиска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Проектот доби финансиска поддршка за продукција од SEE Cinema Network и Филмски Фонд на Република Македонија.

Снимањето ќе се одвива на неколку локации во Скопје и околината. Улогите ги толкуваат актерите Кристина Леловац, Славиша Кајевски, Оливер Митковски, Драгана Левенска и Александар Микиќ.