ЕСРА ќе додели две стипендии во рамки на „Анимакс Скопје Фест“

28/11/2014

ЕФА Универзитет за Аудиовизуелни Уметности – ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк ќе додели две стипендии во вредност од по 3.000 евра во рамки на четвртото издание на Фестивалот за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“, што ќе се одржува од 4-ти до 6-ти декември во Кинотека на Македонија. За стипендијата може да се пријават сите ученици од четврта година средно образование и со завршено средно образование кои поседуваат основно познавање за цртање.

Заинтересираните треба да ги испратат своите лични податоци (име и презиме, возраст и контакт телефон) заедно со цртежи во било која техника и на било која тема на мејлот на фестивалот: contact@animaxmacedonia.mk или animaxmacedonia@gmail.com најдоцна до 4-ти декември.

Од пристигнатите апликации ќе се направи избор на шест апликанти кои ќе учествуваат на работилница за традиционална 2D анимација во сабота, 6-ти декември, во просториите на Универзитетот. Предавач на работилницата ќе биде Гоце Господиновски. На најдобрите двајца учесници ќе им бидат доделени стипендиите од по 3.000 евра.

Oваа работилница се организира за промоција на анимацијата како начин на комуникација и како обид да се поддржи една културна форма и да се поттикне македонскиот креативен потенцијал меѓу младата популација.

„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.