„Образ“ и „Крајот на светот“ на Филмскиот фестивал „Исмаилиа“

22/06/2012

Два македонски краткометражни филмови, „Образ“ и „Крајот на светот“ се селектирани во официјална меѓународна конкуренција за краткометражен филм на годинешното издание на Меѓународниот фестивал на документарен и краткометражен филм „Исмаилиа“.

„Крајот на светот“ во режија на Јани Бојаџи, ја раскажува приказната за татко и син кои се обидуваат да заработат барајќи извори на вода со дрвен чатал. Еден ден случајно ќе налетаат на златножолт кабел. И покрај противењето на таткото, синот ќе го пресече кабелот кој очигледно ги напојува ѕвездите и Месечината.

"Образ" во режија на Стефан Сидовски е топла приказна за една кревка мајка, која се бори, сосем сама да го сочува својот образ, да овозможи достоинствен живот на своето чедо и покрај сите подмолни удари на животот.

Меѓународниот фестивал на документарен и краткометражен филм „Исмаилиа“ започнува утре во Египет и трае до 28 јуни.

Повеќе информации за фестивалската програма ОВДЕ