„Борба за смрт“ на фестивалот Кино Павасарис во Литванија

02/03/2017

 

Краткометражниот филм „Борба за смрт“ на авторката Елеонора Венинова ќе учествува во официјална конкуренција на Филмскиот фестивал во Вилнус – Кино Павасарис кој ќе се одржи од 23 март до 4 април 2017 г. во Вилнус, Литванија. Филмот е еден од 30-ина кратки филмови кои се одбрани во меѓународната селекција, а на фестивалот учествува по директна покана од организаторот. На 22-то издание на фестивалот ќе бидат прикажани над 200 филма во неколку категории.

Претходно, кон крајот на март, „Борба за смрт“ ќе учествува на Интернационалната недела на краток филм во Регенсбург, Германија, исто така во официјална конкуренција.

Ова е продолжување на фестивалските успеси од претходната година, кога  „Борба за смрт“ освои две награди, „Златна мачка“ за втор најдобар филм во меѓународна конкуренција на Филмскиот фестивал за краток филм во Измир, Турција и награда за Најдобра машка улога на Интернационалниот фестивал за краток филм во Драма, Грција. „Борба за смрт“ досега учествуваше на над дваесет фестивали ширум светот, вклучувајќи голем број на фестивали кои се квалификациски за БАФТА, Оскар и Европските филмски награди.  

Парадоксалната драма во која двајца старци се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село се снимааше минатото лето во мариовското село Кален. Сценариото и режијата се наградуваната македонска филмска авторка Елеонора Венинова. Во улогата на двајцата дедовци се актерите Мите Грозданов и Илија Струмениковски, а директор на фотографија е Димо Попов. Продуцент е Гоце Кралевски, а е во продукција на ДНФ Филмс. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Македонија.