„Борба за смрт“ награден на фестивал во Грција

30/09/2016

Краткометражниот „Борба за смрт“ во режија и по сценарио на Елеонора Венинова, освои награда на Меѓународниот филмски фестивал во Драма, Грција, кој се одржа од 19 до 24 септември. Филмот ја освои Специјалната награда за најдобра машка улога, која им се доделува на двајцата ветерани Мите Грозданов и Илија Струмениковски кои ги толкуваат улоги на двајца старци кои се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село.

Сценариото за „Борба за смрт“ учестуваше на неколку работилници за развој на кратки филмови во Литванија, Романија и во Грција. Токму на Меѓународниот филмски фестивал во Драма, пред две години ја освои и наградата за најдобро сценарио на работилницата „Драма пичинг лаб“.

„Борба за смрт“ се снимаше минатото лето во с. Кален Прилепско. Директор на фотографија е Димо Попов, монтажер и продуцент е Гоце Кралевски, дизајнот на звук е на Дарко Спасовски, сценограф e Никола Ангеловски. Филмот е во продукција на „ДНФ филмс“, а е поддржан од Агенција за филм на РМ и од „Канал 5“.

Филмот ќе се најде и на програмите на претстојните изданија на Фестивалот за краток филм во Измир, Турција, како и на Тузла филм фестивал во Босна и Херцеговина, а продуцентот е во подготовки и за долгометражен игран филм со работен наслов „Преекспонирано“, кој е примен на работилница на “European Script Meeting” во Рига.