Почна снимањето на долгомеражниот „Слобода и смрт“

27/06/2016

 

Почна снимањето на долгометражниот игран филм „Слобода или смрт“ по сценарио и режија на Владимир Блажевски. На првата клапа, во куќа покрај кејот на Вардар позади Железничката станица во Скопје, присуствуваа министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа Милевска и директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска Илиевска.

Филмот, чиј буџет изнесува 1,4 милиони евра, е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, како копродуценти се јавуваат Kiselo Dete од Србија, Ikone Studio од Косово и Strup Produkcija од Словенија, а покрај тоа филмот обезбеди поддршка од ,,Euroimages’’ и SEE Cinema Network.

Двата главни протагонисти во оваа комедија се актерoт Игор Ангелов во улогата на Цобе, чувар во зоолошката градина и мајмунот Коко. Главната женска улога, тетката на Цобе, ја игра доајенот на екс Југословенското глумиште Марија Кохн. Покрај нив, во останатите улоги се Береда Решит кој го игра ликот на Љатиф, најдобар пријател и колега на Цобе, Елена Трајковска во улога на Ана Илиева, Фаик Мефаилоски во ликот на Аце и познатиот косовски актер Чун Лајчи во улогата на Хашим.

Костимограф на проектот е Жаклина Крстевска, шминка и маска Мојца Горогранц Петрушевска, сценографијата е на Миленко Јеремиќ, а директор на фотографија е Димо Попов. Соработници на сценарио се Душан Спасојевиќ и Катрин Максимоф. Филмот е во продукција на Панк филм, а како продцент се потпишува Дарко Попов, кому по филмот „Панкот не е мртов“, ова му е втора соработка со режисерот Владимир Блажевски.

Филмот ќе се снинма на повеќе локации низ Македонија, меѓу кои Зоолошката градина во Битола, локации во близината на Дебар, а најголем број на сцените ќе бидат снимени во Скопје.

– За мене како автор, чинот на почнување нов филмски проект е од посебно значење. Возбуден сум и збркан. Како и сите мои колеги, сметам дека секој нов филм ќе биде најдобар на свет. Тоа е природно за секој амбициозен автор. Многу искрено и страсно се надевам дека филмот ќе биде многу добар, изјави Блажевски.

Филмот, додаде, не е камерен, сниман на едно или неколку места, туку е постојано во движење. Во однос на актерите е убеден дека направил одличен избор.

– Се обидувам да направам нешто поинаку од претходниот филм кој беше улична документаристичка натуралистична драма со многу груб стил. „Слобода или смрт“ е замислен како потивко, поестетизирано дело што ме унеспкојува, зашто ваквата приказна бара многу повеќе. Претходната успеваме да ја направиме герилски, партизански, со многу малку средства, а сега станува збор за прилично скап проект, додаде режисерот.

Продуцентот Дарко Попов, пак, изрази задоволство што овојпат со Блажевски снимаат комедија, а не драма. Воедно нагласи дека е среќен што квалитетот на сценариото, покрај Агенцијата за филм, го препознаа и филмски центри надвор од Македонија, а на Venice Gap-Financing Market од 600 проекти помеѓу 6 селектирани беше и „Слобода или смрт“.

– Мислам дека комедијата ќе биде добра зашто уште сега, од материјалот што го гледаме, се смееме. Треба да бидеме смирени бидејќи филмот е обемен и тежок, но мора да се издржи, нагласи Попов.

Посакувајќи му успешна работа на режисерот и неговиот тим, Канческа Милевска изрази уверување дека филмот ќе биде целосно завршен оваа година, а идната публиката ќе може и да го види.

– Познавјќи го големото реноме на Блажевски, по „Панкот не е мртов“ кој беше претставен на преку 40 филмски манифестации и доби над 11 меѓународни награди, убедена сум дека ќе имаме исклучително добар филм, нагласи министерката.

Таа потсети дека Владата многу инвестира во македонската кинематографија и филмската индустрија воопшто.

– Досега, од 2008 до 2015 година со 29 милиони евра буџетски пари се поддржани околу 225 филмски проекти, играни, кратки, документарни, анимирани филмови. Оваа година, пак, ќе бидат завршени 24 филмови од кои пет играни со мнозински удел, четири со малцински удел, четири документарни и 11 кратки анимирани филмови, истакна Канческа Милевска.

Бројката на македонски филмови се зголемува секоја година, а Фестивалот „Браќа Манаки“ секоја година се отвора и затвора со домашен филм. Верувам дека ќе биде така и оваа година, рече Канческа Милевска.