„Борба за смрт“ на фестивал во Германија

31/01/2017

 

Краткометражниот филм „Борба за смрт“ на авторката Елеонора Венинова ја продолжува успешната фестивалска сезона со учество на фестивалот Интернационална недела на краток филм Регенсбург во Германија. Филмот ќе биде прикажан во официјална конкуренција за најдобар краток филм, заедно со уште 56 други филма од целиот свет. Како што информираат од фестивалот, за 23-то издание добиле неверојатни 4500 филма од коишто биле селектирани само 117 во различните категории.

Ова е продолжување на фестивалските успеси од претходната годин, кога  „Борба за смрт“ освои две награди, „Златна мачка“ за втор најдобар филм во меѓународна конкуренција на Филмскиот фестивал за краток филм во Измир, Турција и награда за Најдобра машка улога на Интернационалниот фестивал за краток филм во Драма, Грција. Филмот предизвика особено големо внимание во Турција, а за него се пишуваше и во истанбулскиот магазин Хајал Пердеси кој посвети три страници на филмот низ интервјуто со режисерката Елеонора Венинова и продуцентот Гоце Кралевски.

„Борба за смрт“ досега учествуваше на над дваесет фестивали ширум светот, вклучувајќи голем број на фестивали кои се квалификациски за БАФТА, Оскар и Европските филмски награди.  

Парадоксалната драма во која двајца старци се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село се снимааше минатото лето во мариовското село Кален. Сценариото и режијата се на наградуваната македонска филмска авторка Елеонора Венинова. Во улогата на двајцата дедовци се актерите Мите Грозданов и Илија Струмениковски, а директор на фотографија е Димо Попов. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм.