Директорката на Агенција за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска Илиевска присуствуваше на снимањето на филмот „Дедо и внук“

12/05/2017

 

Снимањето на првиот долгометражен игран филм на охриѓанецот Илија Пиперкоски е при крај. На 11 Мај, на снимањето присуствуваше и Директорката на Агенцијата за филм на РМ, Мими Ѓоргоска Илиевска, како и преставници на Советот на Општина Охрид.

Директорката на Агенцијата за филм на РМ истакна: За мене е празник кога се снима ново македонско филмско дело. Денес уште повеќе, затоа што долгометражниот игран филм „Дедо и внук“ се снима токму во Охрид и е единствен долгометражен игран филм во македонската кинематографија, по филмот на Османли „Мирно лето“, целосно снимен во Охрид, изјави Ѓоргоска Илиевска.

Пиперкоски е задоволен од текот на снимањето и соработката со членовите на екипата која работи на реализирање на неговото дебитантско дело и истакна дека: Снимањето почна на 21 април, во истата куќа во старото градско јадро на Охрид, каде, во 1961 година, е снимен филмот „Мирно лето“. Ова се најубавите денови од мојот живот. Многу ме радува тоа што имаме многу добар материјал, интересен концепт и замисла околу тоа како сакаме да го прикажеме Охрид како град. Истовремено сум и тажен, затоа што доаѓаме до крајот на снимањето. Следи постпродукција на филмот и се надевам дека ќе имаме успешен македонски филм, вели режисерот Пиперкоски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски и други актери. Во снимањето на денешните сцени учествуваше и 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски, ученик во основното училите „Христо Узунов“ кој вели дека е прекрасно искуство да се снима филм со познати актери.

Филмот се реализира во продукција на Пандорас бокс, во соработка со Дрим Фектори, како и Елиен Филм од Романија и има буџет од околу 400.000 евра, од кои поголемиот дел, во износ од 16 милиони денари е одбезбеден од страна на Агенцијата за филм на РМ.

Продуцент е Огнен Антов, директор на фотографија е Патру Паунеску од Романија, сценограф е на Владимир Зафиркоски, а костимограф е Жаклина Крстевска.

Снимањето на филмот кое започна во месец Април, се одвива на локацијата Сараиште, околу Канео и на улиците во стариот дел на Охрид, а продуцентот Огнен Антов упати огромна благодарност до сите охриѓани на трпеливоста, на тоа што излегоа во пресрет и на било кој начин го помогнаа реализирањето на филмот, како и до оние кои ги отворија вратите за снимањето.

Спорд плановите на продукцијата, филмот премиерно ќе биде прикажан во февруари 2018 година во Охрид.

Македонскиот режисер Илија Пиперкоски, кој живее и работи во Букурешт, каде е на постипломски студии на Националната Академија за театар и филм, претходно ги сними краткиот филм „Матасари“, документарецот „Јас и мојот живот без некои работи“, „Чистилиште на душата“ и документарно-играниот филм „Последниот Македонец – Патот до истребување“.