Прв филмски фестивал за деца во Македонија

14/12/2012

 

Од денеска до 16 декември во Домот на АРМ во Скопје, прв пат во Македонија ќе се одржува едукативен и филмски фестивал за деца, насловен „Наш мал фестивал“, наменет за ученици од 9 до 12-годишна возраст. За првото издание предвидени се организирани посети на околу 1.000 ученици од неколку општини од Македонија, а тенденција е да прерасне во традиционална манифестација за сите деца од државата.

Фестивалот е посветен на подигнување на културната свест и нивото на неформална едукација кај децата, а во својата програма интегрира голем број едукативни работилници, проекции на детски филмови од европска продукција и многу забавни содржини.

Организатор на фестивалот е „Наше Маало Продукција“, програмата на фестивалот е бесплатна, а вратите на Домот на АРМ ќе бидат отворени за сите посетители од 10 до 16 часот во текот на трите дена.