Објавена програмата за првото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“

16/10/2013

По повод свеченото отворање на првото издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ денес беше одржана прес конференција на која учествуваа Дарко Башески, Директор на Филмскиот Фонд на РМ, Даниела Станковска Плачковска, советник за продукција на Филмски фонд на РМ, Елена Величковска, Извршен Директор на Џифони Македонија и Иво Антов, Уметнички директор на  Џифони Македонија кои ја претставија програмата и официјалното лого на фестивалот.

   

Фестивалот ќе изобилува со богата филмска и едукативна програма се со цел развивање на филмската и културната естетика и креативност на младите во нашата земја.

Жирито ќе биде составено од 400 деца кои ќе бидат поделени во три возрасни категории од +10 +13 и +16 години. За филмовите ќе гласаат младите кои учествуваат во категориите од +13 и +16 години. Во состав на жирито ќе има 30 млади во својство на меѓународно жири кои доаѓаат од Србија, Италија, Албанија, Грција и Романија. Воедно во склоп на фестивалот ќе бидат организирани работилници за филм, фотографија и танго кои ќе бидат предводени од еминентни експерти од наведените области. Ќе бидат организирани две работилници на македонски филмови кои ќе бидат наменети за старосната категорија +13 и +16 во кои ќе бидат прикажани кратки и  анимирани филмови од новата македонска продукција предводени од Лабина Митевска, актер, директор на ИФФК “Браќа Манаќи” и продуцент и Висар Вишка, актер.

Филмската програма се состои од 50 филмски наслови, кои во текот на петте фестивалски дена ќе бидат прикажани на локациите на Кинотеката на Република Македонија и Младинскиот Културен Центар. Филмовите кои влегуваат во официјалната селекција на фестивалот се филмови со потекло од Кина, Италија, Холандија, Шпанија, Германија, Мексико и кратки филмови од Македонија.

По сценарио на студенти од Факултетот за драмски уметности и креативна екипа составена од истите ќе се произведе краток филм во чест на првото издание на фестивалот “Џифони Македонија”, кој ќе биде премиерно прикажан на свеченото затворање на фестивалот.

Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ официјално започнува утре и трае до 22 октомври.