Македонски филмови наградени на Светски фестивал на непрофесионален филм во Бугарија

06/09/2012

                           

 

На 74-то издание на фестивалот УНИКА - Светска асоцијација на непрофесионален филм, што се одржа од 25-ти август до 2-ри септември 2012 во Русе, Бугарија, Македонија доби четири награди и признанија.

Филмот „АЛАРМ“ на авторот Ана Алексовска, студент по филм на академијата ЕСРА, успеа да се избори за сребрен медал, и да биде дел од десетината филмови кои успеа да го достигнат среброто, во конкуренција од 136 филмови.

Со медал во главната програма на фестивалот се здоби и авторот Ирина Николовска со филмот „СЕЌАВАЊА“, кој успеа да добие бронзен медал.

Во рамките на секое годишно издание на фестивалот на УНИКА, се одржува и Светскиот куп за едноминутни филмови. Гласањето и одлучувањето во оваа конкуренција се одвива исклучиво преку публиката. Оваа година, во овој куп, македонскиот филм „ПОРАНО МОЖЕВМЕ ДА ЈА ДОПРЕМЕ МУЗИКАТА“ на авторот Мице Чаповски од Академскиот кино клуб од Скопје, успеа да ги освои симпатиите на публиката, кои одлучија да му го доделат третото место. Ова е прв пат македонски филм да освои награда на овој куп за едноминутни филмови. Самиот куп го претставува врвот на едноминутниот филм, бидејќи на него земјите членки го пријавуваат својот најдобар кандидат во оваа категорија на филмови.

На фестивалот оваа година, во главната конкуренција Македонија исто така доби и почесна диплома, за филмот „СВЕТОТ“ на младиот автор Марина Трајковска. Почесната диплома се доделува за филмовите што се издвоиле со одредени карактеристики.

Жирито на фестивалот беше составено од седум членови, од седум различни земји, меѓу кои беше и нашиот добро познат филмски автор Петре Чаповски.

Ова досега е најголем успех на Македонија на оваа светска филмска асоцијација, која е дел од UNESCO и чие годишно фестивалско издание вклучува претставување на националните селекции на филмови од 34 земји членки од целиот свет. Секоја година, Македонија е претставена преку Кино сојузот на Македонија – организација која е членка на УНИКА од 1996 година. Местото на одржување на фестивалот на УНИКА ротира секоја година помеѓу земјите членки.