„Жаба“ и „Сенките над Балканот“ на Сараевскиот Филмски Фестивал

22/08/2017

 

Скопје Филм Студио со два наслови од својата најнова продукција, учествуваше на овогодинешното издание на Интернационалниот Филмски Фестивал во Сараево.

Долгометражниот игран филм „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ, кој е ко-продукција помеѓу Рифреш Продакшн БИХ, Скопје Филм Студио Македонија, Пропелер Филм Хрватска и Ливинг Пикчрс Србија, на 14-ти август, ја доживеа својата светска премиера во прекрасна атмосфера под отворено небо и пред  публика од над 4.000 гледачи на реномираниот Интернационален Филмски Фестивал во Сараево.

Фестивалот со долгогодишна традиција годинава се одржа по 23-ти пат и тоа во периодот од 11-ти до 18-ти август 2017 година.
Сценариото за филмот „Жаба“, кое се базира на истоимената театарска претстава популарна на овие простори, е заедничко дело на Пјер Жалица и Елмир Јукуќ. Нашиот Дejaн Димески се потпишува како кинематографер, сценограф е Марио Ивезиќ, костимограф - Лејла Грахо. Продуценти се Адемир Кеновиќ, Томи Салковски, Димче Стојановски и Борис Матиќ. Улогите ги толкуваат Емир Хаџихафизбеговиќ, Александар Сексан, Мирсад Тука, Моамер Касумовиќ.

Продукцијата на филмот беше поддржана од националните фондови на земјите копродуценти и од фондот на Советот на Европа за поддршка на европски филмски копродукции ЕУРИМАЖ.

Покрај премиерната проекција, во рамките на фестивалот, филмот беше прикажан и на 15-ти, 16-ти и 17-ти август.

На 16-ти август, во рамките на фестивалската програма беше претставена и ТВ серијата „Сенките над Балканот“ со претпремиерна проекција на првата епизода. Автор на серијата е Драган Бјелогрлиќ, кој е главен режисер, сценарист, толкува и една од улогите. Како ко-сценаристи се потпишуваат Даница Пајовиќ, Дејан Стојиљковиќ, Владимир Кецмановиќ, а како режисери на епизоди - Коста Џорџевиќ, Данило Бечковиќ, Срџан Спасиќ, Игор Иванов и Мирослав Лекиќ. Во серијата играат Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Гордан Кикиќ, Петар Арсовски, Јана Стојановска, Никола Ристановски, Ненад Јездиќ, Бранимир Брстина, Слободан Бода Нинковиќ, Тони Михајловски, Аксел Мехмет, Петар Мирчевски и други.

„Сенките над Балканот“ е копродукција на Кобра Филм Србија, Скопје Филм Студио и Искра Русија. Како копродуценти се вклучија и Радио Телевизија Србија, Радио Телевизија Република Српска и Македонската Радио телевизија. Проектот е поддржан и од страна на Агенцијата за филм на РМ.

Продуцентот Томи Салковски, заедно со Улдис Димисевскис, Џорџ Голденстерн, Беруз Хашемијан, Чедомир Колар и Анамарија Лодато, е член на жирито на Синелинк Копродукцискиот Маркет, во рамките на кој Македонската Агенција за филм му додели награда на грчкиот проект „HOLY EMY“, во режија на Araceli Lemos.

Корисни линкови :

https://films.sff.ba/en/detail/?film=The-Frog_ 

https://films.sff.ba/en/detail/?film=Black-Sun