„Ден на Џифони“ за промоција на најголемиот филмски фестивал за деца

27/05/2013

                              


Со промотивниот настан „Денот на Џифони“ , организиран од Филмскиот фонд во соработка со Канцеларијата на Џифони во Македонија   денеска во Скопје се најави првото издание на најголемиот едукативен и Филмски фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“, кој ќе се реализира од 20 до 27 октомври.

Промотивните активности ќе се одвиваат во Младинскиот Културен Центар, Кинотека на Македонија, Факултетот за Драмски Уметности и Плоштадот Македонија во кој активно учество ќе имаат 280 ученици од основните и средните училишта поделени во три старосна категории (од 10-12 год;од 13-15 год. и од 16-18 год.).

             

Примарна цел на „Денот на Џифони“  е запознавање на македонската публика и младите со концептот на културниот производ „Џифони“ и активностите дел од него и подготовка за најголемиот Филмски фестивал за деца, насловен „Џифони Македонија“ кои ќе се одржи во Скопје во период од 20-27 Октомври 2013 год. Фестивалот во првата година од својата реализација предвидено е да опфати од 400 до 450 ученици од повеќе општини од Р.Македонија, како и вооедно ќе има организирано учество на деца од Италија, Албанија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Грција, Косово и Турција.

              

„Џифони“ е посветен на подигнување на културната свест и нивото на неформална едукација кај децата, а во својата програма интегрира голем број едукативни работилници, проекции на филмови од домашна и меѓународна продукција и многу интересни и забавни содржини. Примарната цел на едукативните активности е да им се овозможи на децата да го збогатат своето знаење вон формалната едукација преку учество во работилници специјално дизајнирани да ја поттикнат креативната страна на нивната личност, па затоа нивната улога е и да бидат главното жири на фестивалот, тие ги гледаат филмовите , разговараат за нив и на крајот сами донесуваат свои оценки, додека пак филмската програма нуди исклучителна селекција на филмови целно наменети за  публиката од таа возраст која не опфаќа само филмови за деца, што е дополнителен поттик за ширење на културните хоризонти во правилна насока, но и за развивање на личноста, на детето воопшто.

              

„Денот на Џифони“ е организиран од страна на Канцеларијата на Џифони во Македонија во соработка со Филмскиот Фонд на Република Македонија, а истиот е поддржан од страна на Министерството за култура на Република Македонија, Младински културен центар, Кинотека на Република Македонија, Градот Скопје, Општината Карпош, Амбасадата на Италија во Р.Македонија, Факултетот Фон, Кармела Мак, Факултетот за драмски уметности, Кредо, Аџибадем Систина, Пастел, Макинвест, Јана Вода, Витаминка, Вива, Виталија, Свислион и Медиа Сити.