Затворен филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ 2016

28/10/2016

На 26 октомври,  со почеток од 19.30 часот во градското кино Милениум се одржа свеченото затворање на 4 издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија’’.

Присутните ги поздрави директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска Илиевска, која најпрвин го истакна своето  големо задоволство до младите учесници како и до организаторите, “Џифони М“ и „Џифони Планет“ за успешно реализираниот фестивал. Во своето обраќање таа изрази и голема благодарност за добербата и плодната соработка со „Џифони експирианс“ од Италија и директорот Калудио Губитози, како и до Министерството за Култура и Италијанската Амбасада за безрезервната поддршка на фестивалот.

На затворањето беше раскажана новата приказна од Џифоноверзумот под мотото Сказноверзум, приказна исполнета со многу перформанси, видео записи, изложби и сл. и беа објавени најдобрите филмови согласно гласањето на интернационалното жири, составено од деца и млади,  поделени во три категории, Јуниори, Кадети и Сениори.

Како и секоја година на завршната манифестација беа објавени имињата на „Џифонците“ кои беа најактивни, најангажирани, најкреативни и најпродуктивни во сите фестивалски активности и ќе не претставуваат во Италија на „Џифони Експирианс“ 2017.

И покрај официјалното затворање на фестивалот, активностите  под брендот „Џифони“ продолжуваат на друга локација, оваа година на Детската клиника за педијатрија во Скопје. На 27 и 28 октомври децата кои во моментот се лекуваат на клиниката и немаат можност да ја почувствуваат филмската магија на кино платно ќе имаат прилика да проследат два филма приспособени за нивната возраст и синхронизирани на македонски јазик кои ќе бидат во прилог на нивното успешно лекување и попријатен престој на клиниката. 

„Џифони Македонија“ се одржува благодарение на соработката помеѓу Агенцијата за филм на Република Македонија, Џифони Експирианс“ ,Италија и тимот на Џифони Македонија како и големата подршка од страна на партнерите, покровителите  и спонзорите.