„Златна петорка“ премиерно во Скопје

06/10/2016

Со вечерашната скопска премиера на долгометражниот игран филм „Златна петорка“  во киното Милениум со почеток во 20 часот, започнува дистрибуцијата на овој филм низ повеќе градови во Македонија.
Утревечер филмот ќе ја има и струмичката премиера, на 16 октомври „Златна петорка“ ќе биде прикажан во Сиднеј, а на 23 во Торонто.

Сценариото за овој македонски филм е работено по книжевни мотиви на Братислав Ташковски, а на последната верзија косценарист беше Билјана Гарванлиева. Директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажери се Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез.
Филмот веќе беше прикажан на свеченото затворање на ИФФК „Браќа Манаки“ а светската премиера ја имаше на фестивалот Реинденс во Лондон.

Филмот „Златна петорка“ е во режија на Горан Тренчовски, продуцент е Дејан Милошевски („Револушн продукција“) и истиот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.