„Златната петорка“ прогласен за најдобар долгометражен филм во Париз

05/06/2017

 

„Златната петорка“ во режија на Горан Тренчовски е прогласен за најдобар долгометражен филм на фестивалот на Југоисточна Европа во Париз и ја доби првата награда за монтажа.

Филмот за петтемина струмички студенти го отвори фестивалот и супериорно ја плени француската публика, а интернационалното стручно жири, во театарот „Палас“, го прогласи за најдобар во конкуренција од 15 филмови.

Монтажата на „Златната петорка“ ја потпишуваат Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов.

По главната награда „Златен Грифон“ во Перуџа и по Специјалната награда во Москва, ова е четврта интернационална награда на „Златната петорка“. Досега, за само осум месеци по светската премиера и со над 15.000 гледачи во Македонија, ова е 10-то фестивалско учество на филмот. До крајот на годината е селектиран на уште толку филмски фестивали ширум Европа и Светот.

Продуцентот е во преговори со голема телевизиска компанија заинтресирана да го емитува „Златната петорка“ на над 50 милионска публика, а веќе се преговара и со неколку потенцијални копродукциски страни за поддршка на новиот филмски проект на Горан Тренчовски и продукцијата Револушн од Скопје.

Инаку, на 3 јуни, во рамките на фестивалот, режисерот Горан Тренчовски одржа мастер-клас на темата „Литературата и филмот“, на Иститутот ИНАЛКО (Национален институт за јазици и ориентални цивилизации) во рамките на Универзитетот Сорбона.