Скопска премиера на „Влакна“

20/11/2013

Краткометражниот трилер „Влакна“ во режија на Елеонора Вениновапродукција на Партес, денес ќе ја доживее својата скопска премиера во рамките на Фестивалот на европски филм – Синедејс, во 20 часот во кино „Фросина“.

Кога двајца планинари ќе го најдат масакрираното тело на едно 7 - годишно девојче, детективката Вајлд ќе се зафати со решавање на случајот како нејзиниот живот да зависи од тоа. Но, уште од самиот почеток случајот се заплеткува кога форензичките анализи потврдуваат дека она што го нашле на местото на злосторството се всушност остатоци од мртво магаре измешани со крвта на девојчето. Единствениот зрак надеж за детективката е единственото влакно кое е пронајдено на местото на настанот, за кое се претпоставува дека припаѓа на убиецот. Кога анализите ќе се вратат покажувајќи дека убиецот е жена, детективката Вајлд нема избор освен целосно да ја преиспита нејзината теорија, но и нејзиниот здрав разум.

Главните улоги ги толкуваат македонската актерка Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ, а играат и Слаѓана Вујошевиќ, Марија Арсенкова и Трајче Црвенов. Филмот, кој е поддржан од Филмскиот фонд на Македонија, својата фестивалска премиера ја имаше на годинешното издание на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и е замислен како дел од продукција на долгометражно остварување.

Како дел од денешната фестивалска понуда, гледачите ќе имаат можност да го погледнат најновото остварување на Билјана Гарванлиева „После дождот“ (Сведоштва за климатските промени). „После дождот“ е првиот македонски документарен филм на тема климатски промени. Филмот прикажува четири жени, на возраст помеѓу 40 и 80 години, кои се занимаваат со земјоделство во Македонија. Жените се од различно потекло, македонско, турско, албанско, и секоја од нив има многу различен став кон својата работа во полето. И покрај нивните бројни разлики во односот, сите четири жени го делат истото небо и сите се соочуваат со истите стравови и предизвици кои доаѓаат со климатските промени. Филмот ќе се прикажува во кино „Фросина“, во 19 часот.