Јубилејно издание на Фестивалот на краткометражен филм - АСТЕРФЕСТ во Струмица

27/05/2014

 

Десеттото издание на Меѓународниот фестивал на краткометражен филм - АСТЕРФЕСТ започна на 27 мај, во културниот центар „Антон Панов“ во Струмица, под мотото „Ново и старо“, и ќе траеше до 31 мај.

Фестивалот понуди богата филмска програма, континуирано промовирајќи ги категориите на краткиот игран, креативниот документарен и анимираниот филм, поделени во три селектирани компетиции: Глобална фикција, Ѕвездени документи и Анимоушн. На фестивалот се прикажа и дел од современата македонска продукција на краткометражни филмови вклучувајќи ги: „Добро време за умирање“ во режија на Сенад Абдули, „409“ во режија на Даријан Пејовиќ, „Човекот со чудна навика да ме мава со чадор со глава“ во режија на Вардан Тозија, „Материјал за аудиција“ во режија на Ѓорче Ставрески, „Намини бар еднаш“ во режија на Косара Митиќ, „Синот“ во режија на Марко Ѓоковиќ и „Влакна“ во режија на Елеонора Венинова.

Жирито ја додели наградата „Ацо Алексов“ на филмот „Добро време за умирање“ во режија на Сенад Абдули.

Македонската актерка Љупка Џундева е првиот лауреат на јубилејното 10-то издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“во Струмица. Таа е овогодинешниот добитник на почесното признание на Астерфест и Тивериополската филмска алијанса за посебен придонес во филмската и драмската уметност, додека меѓународно признатиот документарист, визуелен артист и филмски монтажер Борис Геретс е добитник на АСТЕР признание за високи достигнувања во европскиот и светскиот филм.

Овогодинешниот Астерфест е под финансиско покровителство на Министерството за култура, Општина Струмица и Делегацијата на ЕУ, а го поддржаа и неколку амбасади и други институции. Традиционален партнер на „Астерфест“ е Кинотеката на Македонија.

Подетално за филмската програма, ОВДЕ