Наградени македонските филмови „Лазар“ и „Ослободување на Скопје“

02/12/2016

 

 

На овогодинешното издание на Филмскиот фестивал во Мостар, беа наградени два македонските филма, „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски во  продукција Смалл Мовес и „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија и во продукција на „ Партизанс продукција“.

Младата македонска актерка Наташа Петровиќ ја доби наградата за најдобра женска споредна улога во филмот „Лазар“, каде што го игра ликот на Катерина. Жирито акцентира дека со нејзината поетична и ненаметлива актерска игра на екранот резултирала со уверливост и искреност.

Филмот „Лазар“ однесе уште една награда за најдобра машка споредна улога за актерот Горан Навој.

Главниот актер во филмот „Ослободување на Скопје“, Давид Тодосовски ја доби наградата за најдобар дебитант, за уверливоста на толкувањето на ликот кој содржи многу тешки актерски техники, кои тој  како дете-натуршчик многу успешно ги искажал.

На режисерот на филмот Раде Шербеџија му е доделено специјално признание за креацијата која го премостува времето и служи за зачувување на сеќавањата на едно извонредно уметничко дело од сферата на театарот кое сега во филмски облик е зачувано од заборавот.

И двата филма финансиски се поддржани од Агенцијата за филм на Република Македонија.