Младите од Скопје за првпат бираат најдобар европски филм за деца

07/04/2015

 

 

Градот Скопје за прв пат ќе биде домаќин на Европскиот ден на млада публика  што оваа година ќе биде одбележен по четврти пат ширум Европа во организација на Европската Филмска Академија. Младите од Скопје ќе имаат привилегија заедно со своите врсници од Европа да ја имаат одлучувачката улога во доделувањето на Наградата од млада публика (EFA Young Audience Award), официјална категорија на Европските филмски награди. 

 

Изборот на најдобар европски филм за деца е осмислен како посебна манифестација која ќе се одржи на 3 мај, 2015 г. истовремено во 25 европски градови.  На учесниците на возраст од 12-14 години ќе им биде доделена улогата на жири  кои во текот на денот ќе ги проследат трите номинирани филмови и ќе гласаат за својот фаворит.

Оваа година номинирани се филмовите:


 

                  THE INVISIBLE BOY во режија на Габриеле Салваторес (Италија)

              

        


                                 MY SKINNY SISTER во режија на Сана Ленкен (Шведска)  YOU’RE UGLY TOO во режија на Марк Нунан (Ирска)

                                          

 

Прогласувањето на најдобриот филм ќе се одвива истиот ден  на официјална церемонија што ќе се одржи во Ерфурт, Германија што преку пренос во живо на  yaa.europeanfilmawards.eu ќе ја проследат 25те градови-учесници меѓу кои: Алборг/Данска, Ерфурт/Германија, Софија/Бугарија, Амстердам/Холандија, Истанбул/Турција, Талин/Естонија, Атина/Грција, Изола/Словенија, Тбилиси/Грузија, Барселона/Шпанија, Киев/Украина, Тел Авив/Израел, Белград/Србија, Лондон/Велика Британија, Торино/Италија,Братислава/Словачка,Малме/Шведска,Валета/Малта,Будимпешта/Унгаријa,Призрен/Косово, Вроцлав/Полска, Клуж-Напока/Романија, Рига/Летонија, Загреб/Хрватска.

Програмата и активностите во Скопје се во организација на Агенцијата за филм на Р. Македонија во соработка со Giffoni Experience – Италија и  „Џифони Македонија“. За успешна реализација на настанот  ќе се погрижат спонзорите Чупа Чупс и Капри со поддршка од киното Синеплекс.

Конкурсот за учество е сеуште отворен и трае до 10 април.  Младите љубители на филмот на возраст од 12-14 години  кои се заинтересирани да земат учество во ова единствено доживување можат да се пријават на: http://giffoni.mk/.