МИДПОИНТ во Охрид - Презентации, Прес Конференција и потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за филм на РМ и ФИОФА

14/06/2017

 

 

Во рамките на престижната професионална програма за развој на филмски проекти „MIDPOINT Feature Launch“, која својата прва сесија, ја одржува во периодот од 10 до 16 Јуни на Филмската Академија во Охрид и на која учествуваат дваесеттина млади сценаристи, продуценти и режисери од светот, на 13 Јуни, своја презентација, насловена како “Industry Landscape in Macedonia”, имаше Директорката на Агенцијата за филм на РМ, Г-ѓата Мими Ѓоргоска Илиевска. При тоа учесниците на работилницата беа запознаени со можностите кои Македонија ги нуди како филмска дестинација, можностите за соработка преку ко-продукции со македонските продуценти и за можностите на програмата за поврат на вложените средства во филмска и телевизиска продукција.

Потоа од страна на Раководителот на Канцеларијата за Креативна Европа МЕДИА, Владимир Стојчевски, беше одржана и презентација за можностите кои ги нуди потпрограмата МЕДИА, со фокус на повикот за Развој на поединчни проекти.

Истиот ден се одржа прес конференција, која беше проследена од страна на голем број на медиуми. На прес конференцијата беше истакнато дека интернационалната група на младите сценаристи, продуценти и режисери, во Охрид ќе имаат можност да соработуваат со познати филмски експерти од Европа во круцијалната фаза од нивните проекти, кога се уште може да се изврши доработка на креативниот дел од сценаријата. Во конкуренција од 75 апликанти годинава беа избрани 9 сценарија за проекти во интернационалната конкуренција, од кои едно од Македонија, а уште три македонски проекти се дел од работилницата „Митпоинт интензив Македонија“. 

„Континуирано работиме во насока на развој на стратегијата за едукација на филмските професионалци, што е многу значајно при создавањето на нови филмски дела, но и од аспект на нивна промоција надвор од границите на Република Македонија, уште во фазата на развој“, изјави Мими Ѓоргоска-Илиевска, директор на Агенцијата за филм на Македонија.

„Наша цел е да ја истакнеме Македонија на таканаречената филмска карта на светот, како еден од значајните центри каде што не се случуваат само македонските проекти, туку и многу други европски и не само европски проекти, како што слушнавте, на нашата работилница имаме и ирански проект“, изјави режисерот Иво Трајков.

Покрај работата на креативниот дел на сценаријата учесниците ќе се запознаат и со начинот на презентација на сценаријата, комуникацијата помеѓу продуцентите и режисерите и како да обезбедат финансиски средства за нивните идни филмски остварувања.

„Проектот „Мидпоинт“ започна пред 8 години и се базира на работа на проекти од Централна и Источна Европа, но се повеќе има проекти од целиот свет“, вели Павел Јех-уметнички директор на „Мидпоинт“.

Во октомври во Прага ќе се одржи втората работилница, каде што на младите филмски работници своите искуства ќе им ги пренесат експерти од други области, со цел нивните проекти да добијат шанса да бидат презентирани пред потенцијални партнери кои би ги финансирале.

На крајот од прес конференцијата, од страна на Директорката на Агенцијата за филм на Р. Македонија, Г-ѓата Мими Ѓоргоска Илиевска и Директорот на Филмската Акдемија од Охрид, Г-динот Роберт Јазаџиски, беше потпишан меморандум за соработка помеѓу двете институции, со што се официјализаираше реализацијата на работилницта на МИДПОИНТ во Охрид, но и сите идни соработки кои што ќе следат.

Одгласите од самата Прес Конференција може да се најдат на следниот ЛИНК.