Македонија презентирана на фестивалот „Џифони искуство“

24/07/2014

           

Денес во 11:15 часот се оддржа прес конференција во рамките на 44-то издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони искуство“. Тема на прес конференцијата беше: Присуството на Македонија на овој фестивал и соработката остварена помеѓу Република Македонија и Република Италија.

Прес конференцијата ја отвори директорот на „Џифони искуство“, г.Клаудио Губитози, кој со  македонското знаме во рака ja најави Република Македонија и македонската делегација: „Џифони искуство започна соработка со оваа мала, но прекрасна земја. Драго ми е што оваа соработка вооедно вроди и пријателство. Многу сум благодарен на огромната поддршка и соработка од страна на Министерството за култура, Агенцијата за филм, Амбасадата на Италија во Република Македонија, Факултетот за драмски уметности и сите други кои овозможија успешна реализација и ширење на брендот Џифони во Република Македонија“. 

Директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија, Дарко Башески,  истакна: „Горд сум што соработката помеѓу Агенцијата за филм и „Џифони искуство“ стана мост за соработка помеѓу нашите земји и освен образовна едукација  и подигнување на свеста за културата кај најмладите, опфаќа и поголема соработка во областа на копродукцијата и културата воопшто”.
Директорот на Џифони Македонија, Елена Величковска Николовска, даде краток осврт на првото издание на фестивалот во Македонија и го најави второто издание на истиот, кој ќе се оддржи во октомври, оваа година и воедно истакна дека овогодинешното издание ќе опфати поголем број на активности, филмови, како и присуство на млади во меѓународното жири од повеќе од 10 земји.

Денес, со почеток во 19:00 часот,  младите од меѓународното жири ќе имаат можност да уживаат во кратките филмови поддржани од Агенцијата за филм на РМ, кои се дел од програмата на овој фестивал: „Алерик“ во режија на Вук Митевски;  „Мангава диско панк“ во режија на Саша Станишиќ;  „Шумарот“ во режија на Изер Алиу и „За Ангела“ на Лука Аполито (филм изработен за време на минатогодишното издание на „Џифони Македонија“).

Во 21:30 часот започнува вечерта на Република Македонија како земја во Фокус, на која преку изложба на фотографии од убавините на Република Македонија, музика  на Мухамед Ибрахими и македонски производи обезбедени од Винарија Тиквеш, Здравје Радово и Мамас, посетителите од 43 земји од целиот свет ќе имаат можност да уживаат и поблиску да ја запознаат нашата земја.