Македонија на Фестивалот и Маркетот во Котбус - Германија

09/11/2012

На 14. издание на East-West копродукциски маркет Конектинг Котбус ќе бидат презентирани 13 проекти од 12 земји кои пред околу 150 продуценти, финансиери и фондови ќе ги презентираат своите проекти со цел да обезбедат копродуцентски средства за реализација на филмовите.

Оваа година беа пријавени 83 проекти од 29 земји од кои беа селектирани 13 проекти меѓу кои и најновиот проект „Слобода или смрт“ на режисерот Владимир Блажевски кој заедно со продуцентот Дарко Попов ќе се борат да обезбедат копродуценти на овој копродукциски маркет.

Наградата coco Best Pitch Award, се доделува со гласање на сите присутни на презентациите, а наградата coco Post Pitch Award вредна 25,000 Евра во опрема и сервиси за филмскиот проект ја доделува жири составено од три филмски професионалци.

Директорот на филмскиот фонд на Македонија Дарко Башески ќе учествува на работилницата со наслов “Перспективите на програмата на Еуримаж за поддршка на дистрибуцијата во Турција, Русија, Грузија, Србија и Македонија” на која треба да се изнајдат новите модели за ваквата поддршка вклучувајќи ја и дигиталната дистрибуција на филмовите

Меркетот се поклопува со одржувањето на Филмскиот фестивал во Котбус каде македонската актерка Ана Стојановска ќе го претставува филмот „Вера, Љубов и Виски“ на режисерката Кристина Николова во кој нашата актерка ја игра главната женска улога.